Доаѓа големиот празник Велигден – што треба да се прави?

28 април, 20160
09

Празникот на воскреснувањето на Господ Исус Христос се празнува секоја година во различно време и еден е од т.н. подвижни празници. За датумот на Велигден се зема првата недела по полна месечина на ден на пролетната рамнодневица или веднаш по неа. Кај припадниците на православната вера Велигден секоја година паѓа во период од 4 април до 8 мај.

Главното обележување на Велигден се вапцани јајца. Порано се бојадисувале само црвени јајца, а се верува дека овој обичај потекнува од Марија Магдалена, која според Библијата, однела јајца обоени во црвена боја пред тогашниот римски цар Тибериј кога се дознало дека Христос Воскреснал. Иако Велики Петок е најтажниот ден за сите христијани во светот, Велигден веднаш по Божик се смета за најрадосен христијански празник.

На ден Велигден, велигденскиот Понеделник и Вторник, кои се по него, православните христијани во светот се поздравуваат со Христос Воскресе и се одговара со Ваистина Воскресе.

Христијаните се радуваат на Велигденските обичаи, а посебно децата. Во разни делови на земјата важат различни обичаи. Па така некој вапца јајца на Велики Четврток, некој на Велики Петок, или пак Велика Сабота. Некои ги вапцаат јајцата само во црвена боја или со кромид, а некои ги шараат на најразлични можни начини. За вапцање на јајцата задолжена е домаќинката на куќата, која во зависност од навиките, ги бојадисува јајцата сама или со децата. Во многу краишта, таа прво се прекрстува се помолува на Бога, а потоа во тенџере во кое се варат Велигденските јајца истура малку светена вода и тоа главно таа која е светена во текот на Велигденскиот пост. Според обичајот, првото јајце се вапца со црвена боја и се смета за чувар на куќата. Тоа се чува се до следната година. Во некои краишта ланското јајце чувар на куќата се става кај стоката, додека во некои се затрупува во мравјалник.

Според некои верувања црвената боја ја означува божествената природа, додека сината ја означува човековата. Затоа во некои краеви јајцата се вапцаат во овие две бои.

Во текот на Велика Сабота, домаќинките главно подготвуваат храна за Велигден. А за денот Велигден се станува порано и се легнува навечер порано. Домаќинката подготвува вода за миење на семејството во која се става чуварот на куќата, дрен, босилек и здравец.
Во многу места обичај е секој од домашните да присуствува на Велигденската литургија, а по враќањето дома да се омрсат прво со велигденски јајца. Сите од семејството се кршат со шарени јајца и се води сметка за избор на јајцето, бидејќи во некои куќи се води сметка за победникот.

Ако Велигден се паѓа во време пред уште некој голем православен празник, Ѓурѓовден, тогаш во некои краишта за Велигден не се јаде јагнешко месо.

За Велигден се меси погача, која се украсува со плетенки и во која се прават вдлабнатини, во кои се ставаат велигденски јајца. И овој обичај варира од место во место. Па некаде се месат повеќе плетени погачи и потоа се разменуваат со пријателите.
За децата во некои краишта се кријат колачи и јајца во домот и во дворот, а тие почнуваат да ги бараат веднаш по Велигденскиот појадок.

Во градските средини се украсува домот со разни нови украси како пластични јајца и разни декорации кои денес можат да се купат во специјални продавници. Во селските средини куќата се украсува пред се со цвеќе.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *