Тој го продаде минатото, заборави на сегашноста и ја прокоцка иднината. Сè за неколкуминутно задоволство…

26 јули, 20160
9

Да се биде изневерен е веројатно едно од најлошите чувства кои може да се доживеат.

Вие некому сте му го подариле своето срце, а тој го здробил, безмилосно го изгазил со своите чевли и го фрлил како некој партал. Некому сте ја подариле својата душа, а тој ја изрешетал, и сега одите како издишан балон.

Се прашувате што е поболно – физичкото или емоционалното неверство, за да на крајот дојдете до заклучок дека двете подеднакво ве распарчиле како скршено огледало, кое не може да се состави и залепи.

И одеднаш, ве фаќа бес и лутина и не размислувате повеќе трезвено. И додека го мразите вашиот дечко, неа ја мразите уште повеќе. Таа, која ви се испречи на патот. Таа, која се осмели да ви го украде. Таа која спиеше со него, таа на која ѝ ги редите сите одвратни епитети кои не ги заслужува ниту една жена.

Веројатно полесно се преживува на тој начин. Првичниот инстинкт е – да ја мразите другата жена. Да ја обвинувате, да ја преколнувате, никогаш да не најде среќа. Ја анализирате, се опседнувате практично со неа, што има таа повеќе од мене, зошто е подобра…

Чувствувате како се полните со отров, не можете да се препознаете себеси ниту да поверувате дека е можно да мразите некого толку многу.

Она што ниту една жена нема да си го признае никогаш е дека гневот и омразата е насочена секогаш на погрешната адреса. Таа девојка не ве познава, не ви должи ништо. Вие не можете да очекувате верност од неа, не можете да се потпрете врз неа, практично таа е непознат подмет во заплетот.

Оној кој ги заслужува сите лоши епитети е мажот. Тој ја изневери вашата доверба, тој го разништа вашиот свет. Тој ве понижи и ви ја распрсна самодовербата како меур од сапуница. Тој ве доведе во ситуација да се преиспитувате што ви фали, каде погрешивте, можевте ли да бидете подобра девојка и жена.

Тој го продаде минатото, заборави на сегашноста и ја прокоцка иднината. Сè за неколкуминутно задоволство.

Тој е злосторникот, не некоја непозната девојка, бидејќи со неа не сте го делеле креветот, оброкот, стравовите и соништата.

Па за промена, да не ја обвиниме непознатата трета страна. Конечно да го насочиме прстот кон вистинскиот виновник.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *