Крушево

30 ноември, 20100
krusevo

Крушево е град во западниот дел на Република Македонија. Поради специфичната морфопластика, Крушево се смета за типично планинско гратче, кое има просечна надморска височина од 1350 метри, па затоа се смета за највисокото гратче на Балканскиот Полуостров. За културната историја на Крушево, од неговото создавање до шеесеттите години на 19 век, нема многу изворни податоци, барем засега. Но, во првата половина од осумнаесеттиот век, според еден документ, во Крушево почнува еден процес на значително заживување на културен план. Кон крајот на 18-ти и во почетокот на 19-ти век, под насилствата на Турците во Јужна Албанија и арнаутските зулуми во Западна Македонија, настапува миграција на христијанскиот свет во Крушево, Битола и населбите во нивната околина. Се населуваат семејства на Власи од околината на Корча (градовите Москополе, Никулица, Шиписка, Грабова во првите налет, а подоцна и од планината Грамос и Пинд) и на Мијаци од селата на Мала Река. Меѓу населениците спаѓаат трговци, занаетчии, градители, зографи итн. Со време Крушево економски зајакнува, развива трговски врски со поразвиените центри на Балканскиот Полуостров и Средна Европа. Се создаваат услови за организирање урбан живот, засилена градежна и уметничка дејност. Во градот имало и централно егзархиско училиште коешто било главен културно-образовен центар за Крушево и околината. Крушевските градители, зографи и резбари стануваат познати имиња и во други краишта на Македонија, како и во соседните земји. Меѓу најстарите сакрални објекти, што биле изградени во Крушево, се смета црквата “Свети Никола” (1832), опожарена за време на Илинденското востание од 1903 година. Оваа главна црква е позната по прочуениот иконостас, работен од тајфата на Петре Филипович – Гарката, родум од с. Гари и неговиот помошник и зет Димитар Станишев, роден во Крушево. Двајцата резбари работат заедно скоро три децении. По смртта на Петре Филипович – Гарката во Крушево (1854), Димитар Станишев формира своја тајфа, работејќи во Македонија, Бугарија и Србија. Умира на шеесетгодишна возраст (1866) во Крушево, а неговото дело го продолжува неговиот брат Антон Станишев. Во непосредна околина на Крушево, на месноста Трстеник е подигната манастирската црква “Свети Спас”. Според една зачувана плоча, тоа станало за време на игуменот Глигорије во 1836 година. Во самиот град се подигнати три цркви. Тие се дело на домашни мајстори со прилично големи димензии. Црквата “Успение на света Богородица”, во Мијачката Маала, е од 1867 година, како и црквата “Света Троица”. Во центарот на градот Крушево, во 1904/1905 година, е обновена од основа старата црква “Свети Никола” (1832 г.), но во знатно помали димензии. Само многу мал дел од опожарената црква “Свети Никола” денеска има во музејот на Илинденското востание и Крушевската Република и е зачуван цифеблатот (бројникот) на тогашната црква, чии камбани, како што се сеќаваа старите крушевчани, при опожарувањето и паѓањето се чуле, наводно до Прилеп. Музеи кои може да се посетат во Крушево се Музеј на Илинденското Востание и Крушевската Република, Галерија Мартиновски, Споменик „Илинден“.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

escort - Korsan taksi