Антички локалитет Стоби

9 декември, 20100
OLYMPUS DIGITAL CAMERA

Археолошкиот локалитет Стоби претставува своевиден музеј под отворено небо и непресушен извор на информации за цивилизациите кои имале шанса да бидат жители на овој град низ столетијата. Стоби се наоѓа во близина на градот Градско на местото каде реката Еригон (Црна) се влева во Аксиос (Вардар), независно од каде доаѓате, секако морате да му пријдете од автопатот Е 75.
Историја на градот.
Се претпоставува дека градот бил основан во 359 г. п.н.е. Во 168г. п.н.е., со победата на римјаните над кралот Персеј, Македонија била поделена на четири области. Тогаш Стоби станува центар на трговија на третата област. Во 148 г. п.н.е. Македонија станува римска провинција. За време на владењето на август (31-14 г.п.н.е.)градот се шири на запад и југ, за што сведочат 55 гробови од западната некропола, од времето на Август.
Ширењето на градот се поврзува и со подигањето на статусот на градот во ранг на муниципиум, 69г.н.е., кога почнуваат да се коваат монети со натпис “Municipium Stobensium”.
Урбаниот дел на стариот град Стоби (гр. Στoβόι) се наоѓа на три тераси, што се спуштаат кон Црна Река, опкружени со ѕидови, а на устието меѓу Црна Река и Вардар. Познато е дека тука минувале главните патишта кои ги сврзувале областите на преден Дунав сомедитеранските земји, уште од предисторискиот период. По овој главен пат на Балканскиот Полуостров се движеле културните влијанија од југ кон север и обратно. Црна Река, од друга страна, претставувала природен пат кој ги сврзувал централните области наМакедонија со Јадранското море. Во римскиот период покрај Црна Река водел значаен пат, кој го поврзувал градот Стоби со Виа Игнација кај Хераклеја Линкестис, близу до денешната Битола. Така градот Стоби заземал мошне значајна стратегиска, воена и трговска позиција во античкиот период.
Најстари пишани извори за Стоби наоѓаме кај Ливиј, кога споменува за победата на Филип V, крал на Македонија, над Дарданците во 197 г. п.н.е. Според археолошките податоци градот бил подигнат во хеленистичкиот период, но не многу пред владеењето на Филип V.
Во Стоби се забележани голем број на култни претстави на божества од грчко – римскиот пантеон: Аполон и Артемида, Асклепиј, Дионис, Немеза, Зевс, Тихе, Афродита, Хигија,Телесфор… Се работи за бронзени и мермерни статуи, или пак за релјефни претсави на мали камени икони. Исто така, откриени се и многубројни примери на архитектонска камена пластика од раноримските храмови. За жал, археолошките ископувања се уште го немаат откриено ликот на раноримскиот град и денес немаме репрезентативни сочувани објекти од ова време, со исклучок на две-три градби, меѓу кои се истакнува театарот.
Податоци за постоењето на најмалку два храма, ни даваат монетите што се ковале во ковачницата во Стоби. Продукцијата на монетоковањето во Стоби се одвивала во времето на цар Веспазијан (69 – 79) до царот Елегабал (218 – 222). На најраната монета, може да се препознаат претстави на Викторија – гениј на победата – и фигура на бик. Датирањето на овој таканаречен автономен тип не е со сигурност одредено.
Постојат уште многу интересни градби на овој локалитет, како на пример римскиот форум, куќа на псалмите, големата бања, виа аксија, куќата на Партениј, театар, коцкарница и други интересни градби и знаменитости.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *