Нови модели за плаќање на здравственото осигурување

7 ноември, 20100

Законските измени кои го планира Министерството за здравство во Законот за здравствено осигурување предвидуваат нови модели на кои ќе се плаќа здравственото осигурување. Засега, според она што го презентираше министерот Бујар Османи, “во игра“ се два модела. Првиот предвидува мали но значителни измени во постојниот начин како се финансира здравственото осигурување, додека вториот е сосема поинаков и е по примерот на Словенија и Хрватска. “Во првиот модел не предвидуваме промена на стапката на принос, се предвидува скалеста партиципација и веднаш давање можност за осигурување за таа партиципација и нема чепкање на придонес во првиот модел. Вториот модел предвидува различни стапки на придонес и тука е најбитно дека граѓаните осигурувањето го преземаат во свои раце. Правото на избор на пациентот за кој пакет ќе се одлучи. Во зависност од тоа како граѓанинот го перцепира здравјето, колку е тоа битно, за тој пакет ќе се одлучи во иднина“, вели Османи. Првиот модел, што се разгледува, предвидува еден пакет што ќе ги содржи сите новодефинирани основни здравствени услуги и плаќање на партиципација од 15 до 50 отсто во зависност од услугата.
Додека, вториот модел прдвидува три пакети: основен, среден и проширен. Според сегашниот предлог закон, за основниот пакет да се плаќа шест отсто придонес. Пакетот ќе ги содржи сите основно здравствени услуги и ќе се плаќа партиципација од 20 отсто. За средниот пакет ќе се одвојуваат осум до девет отсто од бруто платата, ќе ги содржи сите постојни основни здравствени услуги и ќе се плаќа партиципација од 10 отсто. Проширениот пакет ќе ги чини граѓаните најверојатно и над 10 отсто од бруто платата, ќе ги содржи сите стандарди здравствени услуги плус сите нестандарди според членот 10 од Законот за задолжително здравствено осигурување. Граѓаните кои ќе го имаат овој пакет нема да плаќаат партиципација. Засега не се познати деталјите што ќе се содржи основиот пакет, дали ќе има кратење на здравствените услуги кои досега беа на товар на Фондот за здравство. “Мислам дека не треба да има кратења и ограничувања, туку можно е да има и проширување“, вели министерот, кој смета дека промените се неопходи поради тоа што Македонија го има еден од најшироките и најголемите основни пакети што поради новите поскапи здравствени услуги станува преголем финансиски товар на здравствениот систем. Законските измени кои ги предвидуваат овие измени се уште се во фаза на оформување и дефинирање. Како што истакна Османи пред да стапат на сила тие ќе мора да бидат одобрени и прифатени и од граѓаните.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *