За само еден ден по несреќата во Јапонија, најголемите босови се здружија и собраа милиони долари за помош на Јапонците.
На полноќ, на 12. Март, веднаш по разорниот земјотрес што ја погоди Јапонија и предизвика цунами, 25 камиони со 50 тони намирници стигнале пред градското собрание во градот Хитачинака, во префектурата Ибараки, на истокот од земјата.
Стотици лица во маици со долги ракави излегле и почнале да ги истовараат кутиите. Но, тие не биле хуманитарци, ни претставници на Црвениот крст, туку членови на Инагава – каи, трета по големина криминална организација во Јапонија.
За оваа акција тие добро се маскирале, спуштени ракави да ги сокријат тетоважите со кои се гордее секој член на семејството Јакузи, а тие кои немале прсти ставиле ракавици. Ги симнале и значките со планината Фиџи и симболот на Инагава –каи. Стигнале доцна навечер не сакајќи нивната донација да стане јавна, зашто на 30 септември 2009 година, храбриот Андо Такахару, челник во јапонската полиција објави војна на организираниот криминал. Луѓето од Инагава – каи знаеле дека секоја акција, дури и хуманитарна може да предизвика судири со полицијата.
Вработените во градското собрание знаеле кои се тие мистериозни добротворци, но не ја одбиле помошта. Секако не ни можеле да ја одбијат имајќи во предвид дека немало струја, срушени биле илјадници куќи а 9, 000 луѓе биле сместени во 68 прифатилишта низ градот. Во таква ситуација секаква помош е добредојдена.
На видео-снимката што ја направил еден од помошниците на градоначалникот се гледа како гангстерите истовараат кутии со ќебиња, вода, храна, батерии, пелени, тоалетна хартија и се’ друго неопходно за каков-таков нормален живот. Биле бучни, но многу ефикасни.
Само неколку часови по земјотресот, најголемите криминални групи во Јапонија ги отвориле вратите на своите домови за сите луѓе кои не можеле да се вратат дома. Еден од босовите на Јакузите во својот раскошен дом повикал дури и странци. Кланот Сумијоши – каи, според полициски извори собрал милион долари од видни членови и испратил екипи на мафијаши да им помогнат на загрозените во префектурите Мијаги, Ибараку и Фукушима.
Дваесет и четиригодишно моче од Хитачинака, кој веќе скоро еден месец живее во привремено засолниште, се доверил на новинар од британскиот “Индепендент“.
“Знаев од каде доаѓаат ќебињата и храната. Не се сите Јакузи лоши. Ништо не побараа за возврат“, рекло момчето.
Членови на Јакузи обично се Корејци или “буракумини“, јапонски израз за индиските касти “недопирливи“. Членовите се регрутираат од редовите на малолетни деликвенти или моторџиски банди. Не се ретки случаите кога родителите сами бараат своите деца да се приклучат кон оваа мафијашка група, зашто босовите ветуваат дека ќе ги одвикнат од конзумирање дрога.
Непишано правило во светот на Јакузите е, кога еднаш ќе станете член на групата, не смеете да одите на погребот на своите родители.
Јакузите се иновативни, моќни и дисциплинирани, а нивното влијание во Јапонија е многу поголемо одошто може да се замисли. Заработуваат од градежништво, недвижности, од финансискиот пазар, приватни детективски агенции. Само во Токио има 800 вакви “претпријатија“. Полицијата знае каде се и кои се. Знаат сите Јапонци.
Но, какви и да се нивните мотиви, овие денови Јакузите им помагаат на слабите, гладните, жедните.
Член на Сумијоши- каи, чиј “специјалитет“ се ладнокрвни убиства, вака ја опишува ситуацијата:
“Во вакви времиња, општествените поделби се безначајни. Не постојат Јакузи и цивили, или странци и Јапонци. Сите сме сега Јапонци, сите живееме тука. Сега треба да спасиме што повеќе животи и да си помогнеме едни на други. Во вакви моменти сите можеме да бидеме подобри“.
Извор: Нетпрес