Во текот на топлите денови, како денешниот, да се избегнуваат напорни активности, да не се излегува надвор, а доколку се има потреба за тоа да се носи светла облека и очила за сонце и да се внесува помало количество мрсна храна, препорачува Министерството за здравство.
Оттаму препорачуваат да се пијат повеќе течности, а оние кои поради болест треба да избегнуваат повеќе течности за истото да се консултираат со матичниот лекар, са се избегнуваат алкохолни и пијалаци кои содржат кофеин, како и екстремно ладни пијалаци или консумирање на поголеми количини шеќери.
Здравствените власти порачуваат дека посебно внимателни по однос на овие препораки треба да бидат хроничните болни, особено оние со болести на срцевосадовиот систем, невролошките и белодробните боолести, кои треба редовно да ја земаат препишаната терапија и за сите промени во здравствената состојба задолжително да го консултитраат својот матичен доктор.
Како дел од препораките за претстојните топли и сончеви денови е и почесто проветрување на просториите.
Во делот на директната изложеност на сонце и влијанието на УВ зраците, потребно е да се знае дека треба задолжителна заштита од УВ зраците со носење капа, очила за сонце, користење креми за сончање со висок заштитен фактор 50 и повеќе и носење лесна, светла и удобна облека. Не треба да се дозволи да се изгори од сонцето, затоа што кожата памети и со годините се зголемува ризикот за рак на кожа.
Како споредни и секундарни можни болести и заболувања предизвикани од топлото време или други можни ризици по здравјето во услови на високи темепратури, се труењата со храна и појавата на цревни заразни заболувања.
Извор: Нетпрес