Додека Јапонија и натаму се бори со последиците од катастрофата во нуклеарната електрана “Фукушима 1“, светот многу малку знае за несебичните херои кои деноноќно се жртвуваат за да ги санираат последиците и да го запрат истекувањето на радијацијата.
Кои се тие, и што ги мотивирало да направат толкава жртва? Одговорите ги добил новинар од “Франс прес“, Кими Де Фрејтас.
Четириесет и четиригодишниот Хиројуки Коно работел во “Фукушима“ уште како тинејџер. Набрзо по трагедијата во нуклеарката, од својот надреден добил електронска порака, како и неговите колеги, со повик за помош. “Внимание. Би сакале да дојдете на работа, ќе можете ли ? “, пишувало во пораката.
“Да бидам искрен, никој не сакаше таму да се врати. Нивото на радијација во нуклеарката е енормно и знаев дека од таму ќе излезам со тело кое што повеќе нема да биде исто. Ниту ќе можам во иднина да работам во нуклеарна електрана“, рекол Коно.
“Но, јас сум самец без деца и се чувствував обврзан да се јавам на повикот. Подобро јас да се соочам со ризикот, отколку моите колеги кои што имаат семејство. Осцен тоа работниците во електраната се мои браќа и сестри и кон нив чувствувам преданост. “Јадеме од иста чинија“, тоа е јапонски израз кој многу сликовито го опишува нашиот однос. Тоа се мои пријатели со кои сме ги делеле радоста и тагата и затоа повторно се враќам во електраната“, објаснил Коно.
И другите работници во “Фукушима“ отворено разговараат за можните последици од изложеноста на високата радијација. Мајката на еден неименуван 32-годишен работник во телефонско интервју за “Фокс њуз“ низ солзи кажала: “ Мојот син и неговите колеги се решителни да умрат ако е потребно. Тие сакаат да ја спасат нацијата“.
Извор: Нетпрес