Ромите денеска го прославуваат својот ден

8 април, 20110
OLYMPUS DIGITAL CAMERA

Ромите денеска го празнуваат својот Меѓународен ден, кој е прогласен во 1992 година од ОН и ЕУ по предлог на ромската меѓународна организација “Романо јунион“.
Од 6-8 април 1971 година е одржан Првиот Светски конгрес на Ромите на кој присуствувале делегати од 14 земји. Тие го прифатиле името Ром, определиле официјално знаме и химна на сите Роми во светот. Оттогаш 8-ми април се слави како Меѓународниот ден на Ромите, а во Македонија е неработен ден за припадниците на оваа етничка заедница.
Во голем број европски земји се организираат голем број свечености и конференции, чија цел е да се привлече вниманието врз проблемите на овој народ без држава, кој често е подложен на дискриминација и кој со своите 10 милиони припадници претставува најголемото малцинство во Европа.
Според последните истражувања, нивниот број се движи од 12 до 15 милиони. Најголемиот дел, околу 70 отсто живеат во  Источна и Југоисточна Европа.По повод одбележувањето на Меѓународниот ден на Ромите – 8 април, Претседателот  Ѓорге Иванов  организираше прием за претставници на ромската заедница – политичари, уметници, спортисти, активисти.
Претседателот Иванов во своето обраќање посочи на потребата од зголемена активност за целосно интегрирање на ромската популација во македонското, но и во европските општества, потенцирајќи дека Република Македонија е лидер во овозможување и почитување на малцинските права на Ромите, како рамноправни граѓани на земјата.
“Ситуацијата со ромската заедница во Република Македонија и степенот на права кои таа ги ужива се пример за целиот свет. Во нашата земја Ромите имаат можност да се образуваат на својот мајчин јазик, да гласаат за своите партии и кандидати и да бидат претставени во сите институции на државата. Токму во Македонија постои мнозинска ромска општина каде на чело на општината е градоначалник од Ромска националност и каде што ромскиот јазик е во службена употреба“, нагласи Иванов во поздравното обраќање.

Годинава Македонија го презема претседателството со Декадата за вклучување на Ромите, иницијатива во која се вклучени 12 земји.
“Верувам дека преку активностите кои следат во рамките на декадата на Ромите ќе се продолжи со понатамошен напредок на состојбата на ромската популација пред се во домувањето, здравството, вработувањето и образованието како клучни во секојдневниот живот,“ изјави Иванов.
8 април е денот кога се прославува ромската култура, историја и идентитет, и се прават напори за подигање на јавната свест за проблемите и предизвиците со кои се соочуваат Ромите во сите земји, како најголемо етничко малцинство во Европа.

Извор: Нетпрес

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *