24 февруари, 2020

Радио

Македонската поп ѕвезда Тоше Проески на денешен ден пред пет години загина во трагична сообраќајна несреќа на автопатот Загреб – Липовац, кај Нова Градишта, во Хрватска.
Иако имаше само 26 години зад себе остави импресивно музичко наследство. Издаде седум студиски албуми и испеа голем број хитови кои и ден денес се вртат на радиостаниците во земјите од опкружувањето. Посебно место во неговиот музички опус имаше македонската изворна музика, која благодарение на неговите преработки силно се реафирмираше.
Тоше беше голем хуманист и човекољубец, верник и почитувач на традицијата. За време на неговиот живот го започна обновувањето на манастирот Свето Преображение во неговото родно Крушево, над кое сега се издига 33 метарски крст, како исполнување на неговиот сон.
Тоше остави длабока трага во срцата на луѓето и многумина го чувствуваа како свој најблизок. Обожавателите го прогласија за ангел, а неговото вечно почивалиште стана светилиште.

Со музички и спортски настани и емисии ќе бидат одбележани пет години од смртта на македонска поп-ѕвезда Тоше Проески.

На Националната арена „Филип Втори“ од 19 часот на видеобим ќе бидат пуштани хитовите на Тоше. Музичкиот настан е поврзан со фудбалскиот натпревар меѓу селекциите на Македонија и Србија што ќе почне во 20:30 и ќе продолжи на полувремето од дуелот. Ќе учествуваат Ламбе Алабаковски и Наум Петрески. За музичкиот дел е задолжен  Ранко Петровиќ – Бубамара, а настанот го организира Фудбалската федерација на Македонија.

По преносот на фудбалскиот меч, на првата програма на Македонската телевизија, од 22.20 ќе има специјална емисија „Во срце засекогаш“. Ќе ја води Игор Џамбазов, а песните на Тоше ќе ги пеат негови колеги и пријатели – Елена Ристеска, Ламбе Алабаковски, Тамара Тодевска, Андријана Јаневска, Влатко Лозановски, Ѓоко Таневски и Мартин Вучиќ, придружувани од бендот на Тоше. Во студиото на МТВ ќе има и гости кои ќе раскажуваат за Тоше и ќе биде прикажан видеоматеријал за неговиот живот.

Петгодишнината од смртта на Тоше е дел од Програмата за годишнини на значајни настани и личности во 2012, усвоена од Собранието на Република Македонија. Одбележувањето почна викендот во Крушево, каде што денеска се очекува да пристигнат  маратонците кои во саботата  тргнаа од Нова Градишка, Хрватска.  Во Крушево се одржа и четвртиот Меморијален турнир во одбојка во чест на Тоше, на кој победи   „Вардар“ од Скопје.

Неговите фанови го посетуваат Крушево, неговото вечно почивалиште и Спомен-домот кој за една и пол година од отворањето го посетиле 180.000 луѓе. Пополнети се 80-ина книги со впечатоци од посетителите и тие наскоро ќе бидат публикувани. Во мај годинава беше промовирана и монографија за Спомен-куќата на Тоше.

Молитвено чествување за Тоше се одржа и во неделата кај Феудалната кула во Скопје, на која за Тоше зборуваа претставници од Граѓанската асоцијација „Мајка Тереза“ и од влашката заедница.

Неговите обожаватели и оваа година го организираа „Ѕвезденото небо“ со кое на 5 октомври, со поддршка на Фондацијата „Тоше Проески“,  се одбележува годишнината од неговиот последен концерт. Настаните што ги организира фан-клубот на Тоше имаат и хуманитарен карактер со кои се потенцира големината на Тоше како хуманист и носител на титулата амбасадор на УНИЦЕФ. Пред десет дена беше организирана традиционалната крводарителска акција, а во соработка со неговите фанови Црвениот крст на РМ денеска ќе ја почне кампањата за одбележување на Меѓународниот ден на борба против гладот 16 Октомври.

Покрај организирани настани, има и самостојни иницијативи на почитувачи на делото на Тоше. Викендов на неговиот гроб беше оставен витраж со неговиот лик од фанови од Србија. Во центарот на Прилеп, пак, денеска напладне ќе биде откриен мозаик кој четири  години го изработувал прилепскиот наставник и уметник Ристо Тошески. Висок е пет и широк три метри, направен со разнобојни камчиња. Има форма на солза  во која е ликот на Тоше, 26 цветови што ги симболизираат неговите години и познатиот ангел од црквата во  Курбиново. Околу мозаикот се уредува парк со водна површина.

 

Остави коментар

Почетна // вести // македонија // Пет години без Тоше Проески
Горе