Скопје го одбележува Денот на ослободувањето

13 ноември, 20120
spomenik borci

Денеска со повеќе културни, хуманитарни и спортски манифестации се одбележува 13 Ноември – Денот на ослободувањето на Скопје.

– Денес се навршуваат 68 години од денот кога жителите на Скопје ја дочекаа и ја славеа слободата, 13 ноември далечната 1944 година. Од тој ден, Скопје пулсира како слободен град и се движи по патеката на својот постојан развој. Затоа и денес, гордо стоиме тука, пред овој споменик во чест на ослободителите на нашиот главен град. Тука сме уште еднаш да ја оддадеме нашата длабока почит на сите оние кои го дадоа својот живот за слободата на градот Скопје и на сите преживеани борци, кои пред нас и овој пат сведочат за еден од најсветлите денови од историјата на нашиот град, истакна градоначалникот Коце Трајановски во своето обраќање пред Споменикот на ослободителите, пред плато на Владата.

– Скопје денес блеснува во полн сјај со реновираните, модернизирани и проширени булевари, разубавени паркови и плоштади, додаде Трајановски.

Во рамки на одбележувањето на 13 Ноември пред Споменикот на ослободителите цвеќиња положија и повеќе делегации, од Градскиот одбор на Сојузот на борците од народноослободителната антифашистичка војна,делегација од Собранието на Република Македонија, од Владата, од Кабинетот на претседателот на Република Македонија, делегација од Министерството за одбрана, ГШ и АРМ, делегација од дипломатскиот кор во Македонија, делегации од повеќе скопски општини, политички партии, институции.

Химната на Републикава беше интонирана од Градскиот дувачки оркестар.

Настаните за чествување на Денот на ослободување на Скопје – 13 Ноември ќе продолжат вечер, во 18:30 часот, во Фоајето на Македонската опера и балет, со отворањето на традиционалната изложба на уметничките дела создавани на Меѓународната ликовна колонија „Скопје 2012“, што секоја година се одржува во хотелот „Арка“ во Старата скопска чаршија.

 

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *