Култот на добродушниот старец: Дедо Мраз – радост, верба, надеж и среќа

31 декември, 20140
8

Откако часовникот ќе го означи крајот на годината што ја оставаме зад нас, по полноќ, нечујно нежно ќе затропаат ѕвонците од санката што ја влечат ирваси и ќе остават ѕвездена трага на небото – доаѓа Дедо Мраз. Децата ќе срипаат, ќе ги протријат сонливите очи и ќе се стрчаат кон накитената елка под која љубопитно ќе ги бараат подароците кои тој им ги оставил. Во тој миг радоста и среќата на нивните ликови станува најголемиот благослов за годината што следи.

 
 Култот на добродушниот старец
 
Денес мега популарниот лик на добродушен весел старец со заоблени пропорции, црвени образи и бела брада, облечен во црвен костим со бели делови и црн колан и огромна вреќа со играчки ислатки преку неговото рамо, е всушност измислен лик кој на децата низ светот им носи подароци. На едни, на Божик, на Бадник или на денот на Свети Никола (6 декември) во западните култури, а на другите, на Нова година, во источноевропските држави. 
 
Меѓу различните култури, религии и народи, различни се и верзиите за него и за неговото име. Познат е како Санта Клаус, Свети Николај, Крис Клингл, Папа Ноел, Вејхито Паскуеро, Колачо, Синтерклаас, Свјати Николај, Ноел Баба, Фадр Крисмас, Пер Ноел… Сепак, се смета дека потеклото на ликот на Дедо Мраз е од старите религии на  германските и словенските народи. Поточно, со христијанизирањето на овие народи, нивните верувања се комбинирани со ликот на христијанскиот епископ Николај Чудотворец, архиепископ Мирликиски кој се слави низ целиот свет еднакво како од православните, така и од другите христијани, а почитуван е и од муслиманите. Николај Чудотворец е милостив, вистинољубив и праведен, уште за време на животот луѓето го сметле за светител и го повикувале на помош во маки и неволји. Бил познат по дарежливоста, на сиромашните им носел подароци. Многу пати им помагал и на давениците, на затворениците и ги избавувал од неволји морепловците. Со своите дела се смета и за заштитник на децата.
 
Преданието вели дека Св. Никола воскреснал три дечиња кои локалниот месар ги заклал за време на глад, па затоа се слави и како заштитник на децата. Но, сепак, Никола е најпознат по давањето мираз на три осиромашени ќерки на некој побожен христијанин за да не станат робинки и да бидат препродавани и искористувани. Св. Никола низ пенџерето им фрлил вреќа со златници. Низ вековите приказната се менувала, така што една од верзиите свети Никола вреќата со златници ја фрлил низ оџакот, а директно паднале во чорапите кои што се сушеле врз огништето.
Дедо Мраз е дело на Томас Наст

Во повеќе христијански земји, а особено во Европа се прави разлика помеѓу Св. Никола и ликот на Дедо Мраз. Но, без разлика, едно е заедничко – Дедо Мраз е најпопуларен меѓу разните митски фигури кои биле задолжени за дарување подароци за Нова година, а Св. Никола е човек кој постоел.

Кај Словените, ликот на Дедо Мраз порано бил лош волшебник кој многу сака да ги замрзнува луѓето. На почетокот ги крадел децата од родителите и ги носел на грб пикнати во голема вреќа. За да ги откупат родителите морале да му даваат подароци. Со текот на времето приказната се завртила наопаку, под влијание на христијанството, ликот на Дедо Мраз се изменил заедно со неговиот карактер. Тој станал љубезен и добронамерен и почнал да им дава подароци на децата.

Од 19 век легендите и карактеристиките на ликот на Дедо Мраз биле обликувани преку книжевни влијанија. Дедо Мраз заедно со неговата внука Снегурочка бил преобразен од лош волшебник во она што е денеска. Најголемо влијание за ова има бајката „Снегурочка“ од рускиот писател Александар Островски, заедно со истоимената опера на Николај Римски – Корсаков. Па може слободно да се каже дека Дедо Мраз претставува источноевропска варијанта, а изворно е лик од оваа руска бајка.

Преобразбата на Св. Никола во комерцијалниот лик на Дедо Мраз прво е резултат на протестанските реформи кои започнале во Америка. Американската верзија на Дедо Мраз настанала во Нов Амстердам, денешен Њујорк според холандската верзија на христијанскиот светец под името Синтерклаас. Во текот на 19 век американските новинари ја популаризирале изменетата верзиија на Свети Никола кој станал весел дебел дедо кој живее на Северниот пол и патувајќи со своите санки им носи подароци на добрите деца. 

Денешниот препознатлив лик на Дедо Мраз е дело на Томас Наст кој го илустрирал 1881 година според описот на една детска песна од 1823 година.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *