Нема повеќе да боли, девојко! Секој непосакуван гостин кога-тогаш си ги пакува куферите за повратниот правец. И тагата која ти надвиснува над очните капаци ќе исчезне. Ќе заблескаш со силата на твојата убавина.
Црвен кармин, се сеќаваш? Флерт, кокет, погледи кои молат за минута внимание. Ќе бидеш најпривлечна и најнедостапна. Ќе зашиеш насмевки на местото раскинато од солзи. Ќе се појави и тој поради кого заборави како е да бидеш сакана. Ќе дојде уште еднаш за да ти докаже дека не сака да бидеш среќна. Ќе се појави за да ги засени атрибутите на твојата неодоливост. Нели секој човек се враќа тогаш кога ќе сфати дека можеш без него? Да, се враќа. Ама враќањето не игра никаква улога, кога чувствата веќе си заминале. Ќе бидеш ладна како камен, ќе бидеш ледена како санта мраз. Ќе го гледаш сè додека не го заболи рамнодушноста во твојот поглед. А потоа ќе го отвориш срцето за нови патеки. Ќе бидеш и ледена и медена, и слатка и отровна, ама ќе ја играш главната улога. Ќе бидеш онаа која одбира, а никако нечиј избор. Ќе бидеш и горда и искусна. Полна со самодоверба. И нема да биде од инат, ниту од тага, нема да биде глума. Овојпат нема. Ама ќе боли твојата искреност, ќе крши таму каде е најтенко, ќе продре таму каде е непроодно. Тоа ќе бидеш само ти. Добро познат глас ќе изусти „си се променила“. Ама ќе згреши. Си научила! А на крајот на краиштата, секој ги го добива она што го заслужил.