Вечна дилема: Погон на предни или задни тркала?

1 јули, 20160
7
Често пати слушаме дискусии за тоа кој погон бил најдобар, а кој најлош. Но овие дискусии најчесто се водат без факти и техничко објаснување. Прочитајте кои се предностите, а кои недостатоци на овие типови на погон, за наредниот пат да дискутирате со соговорникот на едно повисоко ниво!

Погон на предните тркала

Овој тип на погон е најзастапен кај возилата коишто се користат на нашите простори. Она што е најзначајно да се спомене за овој погон е тоа што е многу поедноставен во однос на останатите, има помалку конструктивни делови и најчесто е најекономичен во поглед на потрошувачката на гориво. Ова се должи на фактот дека моторот, менувачот и погонските тркала се во предниот дел, со што е намалена вкупната тежина на возилото, а со тоа и помалиот број на елементи. Сето ова го прави овој тип на возила да бидат поевтини за производство во однос на возилата со погон на задните тркала.


Од возачки аспект, овој погон има одличен коефициент на триење на погонските тркала со подлогата со оглед на тоа дека најголемиот дел од тежината (мотор, менувач, суспензија) се во предниот дел од возилото. Со ова, при лизгава подлога, предниот погон се чини дека има голема предност во однос на задниот погон. Неискусните возачи пак кои имаат „тешка нога“ и сакаат да притиснат повеќе на педалата за гас, нема да имаат проблем со контролирање на овие возила доколку тркалата започнат да пролизгуваат.

Погон на задните тркала

Овие возила имаат поголем број на конструктивни елементи со оглед на тоа дека моторот и менувачот (најчесто позиционирани во предниот дел) треба да ја пренесат силата на задната оска. За таа цел се користи преносно вратило и диференцијал позициониран во задниот дел. Масата на овие компоненти е поголема од оние со преден погон.


Многумина овој тип на возила ги сметаат за „не безбедни“, со објаснување дека за да управувате вакво возило треба да имате поголемо искуство. Но, дали претходно наброените (повеќето негативни) карактеристики се навистина негативни?

Клучот е во тежишната точка

Со оглед на тоа дека масата на возилото е распоредена порамномерно, тежиштето на оваа конструкција е речиси централно на возилото, со што истото е поудобно за патниците. Најчесто овој сооднос се движи околу 50/50 (напред/назад), додека возилата со преден погон имаат однос од 60/40.

Во описот за возила со преден погон наведовме дека истите имаат подобар контакт со подлогата, но да го земеме случајот кога возилото започнува да забрзува. Во тој случај, тежиштето се поместува наназад со што на возилата со погон на задните тркала им дава екстра маса која притиска на задните тркала со тоа што истите имаат подобар контакт со подлогата при забрзување.

Со ова се разбива митот дека со иста снага на моторот, возилата со преден погон полесно ќе ја пренесат својата снага на подлогата и потешко ќе пролизгаат. Напротив, возилото со заден погон има подобри карактеристики при забрзување!

Сето ова важи сè додека подлогата е сува, но во услови на дожд и снег, намалениот коефициент на триење не дозволува возилата со заден погон да остварат поголемо забрзување кое пак ќе резултира со поместување на тежиштето кое што (како што претходно споменавме) дополнително би ја зголемило масата врз задните тркала. Така (возилата без систем против пролизгување ESP) многу лесно може да пролизгаат и да предизвикаат надуправливост на возилото т.е. странично зафрлување на задниот дел – случај во кој голем процент од возачите не би успеале да имаат контрола.

Надуправливост и Подуправливост

Возилата кои имаат преден погон начесто во кривина може да се најдат во случај на подуправливост. Тоа е случај кога возилото продолжува да го следи првичниот правец на движење.

Надуправливост е пак случај кога задниот дел од возилото дополнително ротира во насоката во која се обидувате да завртите. Ова најчесто се случува пак кај возилата со заден погон.

Ѝ во двата случаи има техники за контола на возилото, но поприроден начин на „преземање на контролата“ во дадениот случај имаат возилата со преден погон. Затоа постои митот дека треба да сте искусен возач за да возите возило со заден погон. Сето ова не важи во останатите случаи кога кривината ја совладувате по регуларен пат.

Кои се најдобри?


Со оглед на тоа дека и едните и другите имаат свои предности и недостатоци, најдобри се возилата на погон на сите четири тркала.

Речиси сите предности од едниот и другиот тип на погони се собрани кај овој тип на возила, но со оглед на тоа дека ваквите возила се многу ретки на нашите простори, сметаме дека погоре дадените информации се доволни за да Ви стане појасно околу двата најчести случаи на возила на нашите простори.

За крај, погледнете го ова кусо старо видео од Top Gear, во кое водителот објаснува што е под а што над управливост на еден комичен начин.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *