Кинескиот суперавтобус – најголем пропаднат проект во 2016-та година?

11 јануари, 20170
12

Контроверзниот проект Transit Elevated Bus (TEB) кој за прв пат беше прикажан јавно во месец мај на Саемот за висока технологија во Пекинг се смета на најголемо промашување во 2016-та.

Системот TEB е замислен како комбинација од надземно метро и класичен автобус, а би претставувал алтернатива за автобускиот сообраќај и класичното подземно метро. Предвидено е да може да превезува голем број на луѓе во брзо растечките кинески градови со популација од десетина и повеќе милиони жители.

Со оглед на фактот дека се движи по површината на земјата, над патниот сообраќај, цената за изградба на инфраструктурата би била значајно пониска отколку во случајот со класичното метро.

Авторите на овој проект предвидуваа дека TEB ќе се движи на специјални шини коишто би биле поставени долж широките булевари, при што кабината на возилото би било издигната од коловозот, такашто под него непречено би се одвивал автомобилскиот сообраќај.

Воедно бидејќи TEB има погон на струја, тој не би го зголемил загадувањето на воздухот коешто во големите кинески градови е на едно алармантно ниво, такашто еколошкиот фактор е впишан како дополнителен плус.

Ако се знае дека TEB претставува еквивалент на број од 30 до 40 конвенционални автобуси, заштедата на гориво би била исто така значајна. Сè на сè – ова беше топ проект. Но..

Прототипот кој беше претставен на тест делница со должина од 300 метри, бил висок само 2 метри, па под него можеле да минуваат само исклучително ниски патнички возила. Со тоа, непречениот сообраќај на останатите моторни возила, како што претходно било најавувано, бил потполно неизводлив.

Иако проектот предвидувал изградба на специјални шини по коишто TEB би се движел, се испоставило дека прототипот е поставен на некаков вид на гумени тркала.

Дополнителен сомнеж во контекст на изводливоста на целиот проект предизвикала и невозможноста за прототипот да врти во кривини.

Сериозен предизвик за авторите на овој проект претатавувала и комуникацијата помеѓу возачот на џиновскиот автобус и возачите на патничките возила коишто би се движеле под него, особено ако автомобилот го менува правецот на движење.

Во меѓувреме, компанијата Tebtech веќе и се повлекла од задачата откако се појавила и веста дека властите во градот Куинхуангдао и воопшто не дале согласност за проектот за џиновскиот автобус.

Од друга страна, креаторите на прототипот застанале во своја одбрана, тврдејќи дека првото тест возење и не претставувало вистинска проба, туку дел од процесот на интерно испитување на возилото. Меѓутоа, потоа следеле и нови обвиненија дека компанијата Tebtech се обидела да ги измами потенцијалните инвеститори.

Во овој момент судбината на проектот е неизвесна, па дури и кинеските власти се обидуваат да ја “замачкаат” целата приказна цензурирајќи ја веста за џиновскиот автобус.

Eдинствени видливи траги остава споменатиот прототип којшто е оставен да пропаѓа на улиците во градот Куинхуангдао, кадешто, како што велат граѓаните, единствено само зазема простор и го попречува редовниот сообраќај.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *