Здрави и корисни грицки

26 јануари, 2017
2

Скоро и да нема други намирници што се толку мали, а обединуваат толку многу хранливи материи како јаткастите плодови.

Оревите, лешници, бадеми, итн., не само што се многу вкусни, туку тие се и многу здрави. Богати се со масти, но станува збор за здрава комбинација од многубројни незаситени масни киселини. Тоа не значи дека треба да ги јадете во неограничени количини, но слободно би можеле да замените дел од дневната потреба за масти со овие плодови. Експретите препорачуваат да јадете по 30 грама јаткасти плодови пет пати неделно.

Лешниците ги зајакнуваат нервите

Мешавината на витамин Б допринесува за нервна стабилност, а заедно со липидите и масните киселини ја подобрува работата на мозокот. Но, тоа не е сé: лешникот ублажува дури и хронични тегоби затоа што содржи прекурсор на хормонот на среќа, серотонинот, кој ја намалува чувствителноста на болки.

Кикириките ги намалуваат притисокот и шеќерот

Дали сте чуле за аргинин? Станува збор за аминокиселина која ги регулира крвниот притисок, шеќерот и нивото на масти во крвта. Покрај аргинин, кикириките содржат и фолна киселина, која го намалува ризикот од заболувања на срцето и депресија, а спречува и деформација на плодот во текот на бременоста.

Фстаците ги штитат цревата

Познато е дека влакнестите материи прават чувство на ситост, го забрзуваат варењето на храната и спречуваат рак на цревата. Не морате секогаш да јадете интегрални житарици и овошје да ја внесете оваа корисна состојка во организмот. Консумирајќи ги вкусните зеленкасти плодови, фстаците, ќе го постигнете истиот ефект. Ако до сега, поради зголемен холестерол, сте избегнувале да ги јадете, имајте го следново на ум: една американска студија открила дека 47 фстаци дневно се доволно да се намали „лошиот“ ЛДЛ холестерол за десет проценти.

Оревите се добри за срцето

Оревот е ѕвезда меѓу јаткастите плодови, а за тоа постојат неколку причини: истражувањата покажуваат дека со редовното консумирање на ореви (една рака дневно) се намалува ризикот од срцеви заболувања. За тоа се заслужни омега-3 масните киселини. Освен тоа, оревите се богати со елагинска киселина, која има антиканцерогени својства и многу ефикасно го неутрализира делувањето на слободните радикали, кои ги уништуваат клетките на срцето, мозокот и кожата.

Кокосовиот орев е идеален за спортисти

Кокосовото млеко е богато со витамин Ц и минерални материи, поради кои е исклучиво погодно за спортистите. За разлика од другите јаткасти плодови, кокосовиот орев има два пати помалку калории, но затоа содржи нездрави заситени масни киселини, па не е погоден за готвење.

Индискиот орев го зајакнува имунитетот

Во 100 грама индиски ореви има дури шест милиграма железо, што е многу важен податок за вегетаријанците и трудниците. И по содржината на цинк овој јаткаст плод се наоѓа на врвот на списокот. Цинкот ја зголемува отпорноста на организмот на опасни предизвикувачи на болести, а посебно го зајакнува лимфниот систем. Исто така, содржи и магнезиум, кој ги опушта нервниот систем и мускулите.

Бразилскиот орев ги зајакнува мускулите

Само шест плодови содржат иста количина на протеини како шницла од 200 грама, а протеините ни се неопходни за градење на мускулни и нервни клетки. Што уште содржат бразилските ореви? Голема количина на селен, кој штити од слободните радикали, ги врзува отровните материи и го подобрува квалитетот на сперматозоидите.

Бадемот спречува оштетување на клетките

Повеќето луѓе не внесуваат доволно витамин Е, кој штити од воспаление и спречува оштетување на клетките. Една порција бадеми (околу 30 грама) ги покрива дневните потреби на организмот за овој витамин, што се одразува позитивно на срцето. Освен тоа, бадемот содржи биотин, витамин кој делува благотворно на кожата, давајќи и мекост и сјај.