Јапонски суфле палачинки

8 мај, 2020
palacinki

Едноставен десерт со малку шеќер.

Иако сите сме верни на домашните палачинки, веќе долго време и американските палачинки се многу популарни. Нивното тесто е значително подебело од палачинките кои најчесто ги прават мајките и бабите. Сепак, дали сте слушнале за јапонските суфле палачинки? Тие на изглед потсетуваат на американските палачинки, но и на познатите суфле колачи. Најдоброто нешто во врска со нив е што само 40 гр шеќер влегува во смесата.

Овие палачинки се екстра меки и воздушести, баш како суфле.

Важно е да напоменеме дека ја користите целата добиена мешавина веднаш, бидејќи станува збор за колач од белка од јајце со многу малку шеќер – ако оставите да стои во фрижидер, мешавината ќе пушти вода.

Состојки:

  • 2 поголеми јајца
  • 20гр млеко
  • 10 гр растително масло
  • 1/4 лажичка екстракт од ванила
  • 30гр брашно
  • 1 лажичка бел оцет
  • 40гр шеќер
  • Малку масло за подмачкување на тавата

Подготовка:

Одделете ги жолчките и белките од јајцата во два сада. Истурете 20 гр млеко и 10 гр растително масло и 1/4 екстракт од ванила во садот со жолчките и сето тоа добро измешајте го со жица, сè додека не добиете малку полесна и пенеста смеса. Потоа, додадете 30гр брашно – истурете го брашното низ сито и просејувајте, за да нема поголеми грутки. Обрнете внимание на конзистентноста на тестото – треба да биде воздушесто.

Во другиот сад со белките додадете 1 лажичка бел оцет и промешајте со миксер. Кога смесата ќе стане пенеста, постепено додајте 40 гр шеќер и мешајте додека не добиете шлаг.

Во првиот сад каде што ги промешавте жолчките, додајте ја смесата од вториот сад. Двете мешавини добро комбинирајте ги, мешајќи.

Прво загрејте ја тавата на тивок оган и потоа истурете малку масло, а потоа раширете го маслото со салфетка. Користете тивок оган за печење цело време и истурете ја смесата со шприц, полека – поентата е да биде дијаметарот и висината на суфле колач (или мафини, како ви е полесно да замислите). Потоа целосно покријте ја тавата, 3-4 минути. После тоа, ќе видите кога ќе ја свртите, дали е потребно да ја печете таа страна малку повеќе, што зависи од вашата тава и шпоретот. И другата страна исто така.

Палачинките можете да ги сервирате со овошје, трошки од чоколада, преливи или едноставно шеќер во прав. Според ваша желба.

Ако ви е полесно, погледнете ја подготовката во видеото: