Кога ќе замириса на СЛАНИНА: Нема да можете да му одолеете на oвој ТАРТ (РЕЦЕПТ + ФОТО)

18 септември, 2020
pita-slanina-1536x1025

Вкус кој дава сила за целиот ден

Кога сакате поинаков почеток на денот, не би било лошо да се одлучите за нешто што ем вкусно, ем ќе ве држи сити подолго време.

Уште ако сте љубител на сланина…

Вистината е дека овој тарт ќе ви одземе околу еден час да се испече, но вреди да се вложи труд.

Еве како да го направите овој деликатес, а веруваме дека вкусот ќе ве воодушеви.

Потребни состојки:

Како што е наведено на порталот tasteofhome, за овој тарт ви требаат: чаша и пол брашно, прашок за пециво, сол, зачини, павлака за готвење, малку мајонез, чаша рендано сирење, сланина, печурки, зелени пиперки, кромид и домати. Можете да додадете брокула или некој друг зеленчук што сакате.

Подготовка:

Во голем сад измешајте го брашното, прашокот за пециво и мешаните зачини, а потоа додадете ја павлаката за готвење (може и обична). Смесата треба да биде густа. Покријте и ставете во фрижидер половина час.

Во меѓувреме, исечкајте ги печурките, кромидот, пиперките, сланината и доматите. Потоа, раширете го тестото на плех за печење или огноотпорен сад, добро притиснете го со лажица, па печете 10 минути на температура од 190 степени.

Додека се лади кората, време е за филот. Во сад измешајте мајонез, сирење, пиперки, печурки, кромид, сланина и половина домат. Кога ќе ја премачкате смесата преку кората, додадете го остатокот од доматите одозгора. Печете на 170 степени 30 до 40 минути.

И тоа е тоа.