Потресна исповед на еден маж кој претрпел насилство: “Таа ме тепаше и ме малтретираше”

8 ноември, 2020
maz

Секој петти припадник на „посилниот пол“ е жртва на семејно насилство, но за тоа малку се зборува во јавноста


Една петтина од жртвите на семејно насилство се мажите. Тоа е табу тема и често на мажите помалку им се верува одколку на жените.

Кога Тами Вајсенберг ја запознал својата партнерка, тој размислувал типично како и секој еден маж: „Јас сум нејзиниот заштитник!“ бидејки таа зборувала дека нејзиниот поранешен партнер ја тепал, и дека била несреќна, тој сакаше да и помогне, да ја спаси и да покаже дека мажите можат да бидат различни.

– Во тоа време, не забележав дека тоа е нејзин трик за да ме освои и да ме изманипулира – изјави Вајсенберг денес, по шест години фатални врска.

Вајсенберг изгледа како човек полн со самодоверба, висок, силен, полн со енергија. Тој со смирен глас раскажува како станал жртва на насилство во врската. Тешко е да се замисли кога имате ваков маж пред вас, но исто така е и клише – дека жртвата мора да биде нежна и слаба.

Првиот скандал
Тие се преселиле во заеднички стан. Тие го делеле своето секојдневие и зависеле еден од друг.

– Се започна кога бевме на одмор во хотел кој не одговараше на нејзините желби – вели Вајсенберг. – Таа не сакаше да плати за хотелот. И ме замоли да ја поддржам и да му кажам на сопственикот на хотелот какво ѓубре им нуди на гостите. Јас не го сторив тоа затоа што бев засрамен. Влегов во автомобилот и чекав сама да го стори тоа. Кога дојде, ми удри шлаканица и викаше. Мислев дека никогаш повеќе нема да се осмелам да не ја поддржам.

– Се чувствував како слуга кој одсекогаш сакаше да и се допадне. Тоа ми беше најважно. Знаев каков вид овошје сака, како треба да се собере, како да се сервира. И ако не беше така, ќе леташе се директно врз мојата глава.

Никогаш ништо не беше доволно. И очекувањата растеа. Избувнувањата и насилството се интензивираа. Тами Вајсенберг мораше да оди во болница со скршени коски и посекотини. И покрај тоа, тој не се бранеше, не возврати со насилство. Сите овие години се надеваше дека таа ќе сфати што направила.

– Бев под притисок 24 часа на ден да функционирам, да ги исполнувам барањата, да не ги повторувам „грешките“. Постојано бев зафатен. Немав време да се чувствувам осамен, да размислувам за мојата ситуација – вели Тами.

Неговата партнерка, во меѓувреме, ги контролирала социјалните контакти. Луѓете кои можеа да откријат нешто за насилството и можеби да помогнат – беа избегнати – дури и членови на семејството.

Кој ќе му поверува на мажот кога ќе каже дека жената го тепа?!


Во Германија годишно се регистрираат околу 26.000 мажи како жртви на семејно насилство. Но, кој ќе му поверува на мажот кога ќе каже дека жената го тепа? Бидејќи, ранливиот маж, кој не е силеџија, туку жртва на насилство, не е прифатен во општеството.

Ова е потврдено со истражувањето на научникот Елизабет Бејтс од Универзитетот во Кумбрија во Велика Британија.

– Насилството врз мажите е хумористичко средство на сите комичари. Ние се смееме на насилството на жените врз мажите, но тоа има последици. Голем број работи ги спречуваат мажите да бараат помош. Ова го вклучува стравот дека нема да му се верува на мажот. И начинот на кој медиумите известуваат за насилството врз мажите може да влијае на тој страв.

Истражувањата покажуваат дека мажите често не се доживуваат себеси како жртви поради таквиот став. Но, тие имаат сериозни здравствени проблеми.

„Тие опишуваат долгорочни ментални и физички проблеми како резултат на насилство“, рече Бејтс.

Во партнерството, мажите многу поретко доживуваат физичко насилство отколку жените, но го има и тоа. Сепак, мажите често зборуваат за менталното насилство.

Ова го потврдува и Тами Вајсенберг. И, за него менталното насилство беше поболно отколку физичкото.

Еден ден застана пред мене и ја соблече бањарката, беше целосно гола. Потоа, таа почна да се тепа и да се гребе и да вреска: ‘Престани! Тоа ме боли!’ Стоев пред неа како да сум парализиран и се прашував што и се случува?

Неговата партнерка во тој момент, ја облекла бањарката и од џебот извадила мал диктафон на кој го снимила сето тоа. И таа се заканила дека ќе го уценува ако тој прозбори за нејзиното насилство.

Не можев ни да се помрднам. Се плашев дека ќе го изгубам угледот во општеството, на работа и дека воопшто нема да ме доживуваат како жртва на насилство, туку како силеџија.

Безбедни куќи за мажите кои се жртви на насилство


Бројките потврдуваат дека мажите низ целиот свет имаат слични искуства. Во Мексико, според официјалната статистика, мажите сочинуваат една четвртина од жртвите на семејно насилство. Во Кенија, Нигерија или Гана, невработеноста и сиромаштијата се чести причини за напади од партнерките. Но низ целиот свет се бара адекватната помош за насилството врз мажите.

Тоа полека се менува. Пролетта годинава во Германија беше пуштен во употреба првиот телефонски број кој им помага на мажите. Заеднички е финансиран од двете најголеми германски покраини, Баварија и Северна Рајна-Вестфалија. Десетици мажи се јавуваат секоја недела и бараат помош.

Тами Вајсенберг сам се извлече од болната врска:

Во тоа време, навистина ми недостасуваше место каде што, како маж, можев да се справам со моите стравови и грижи. Затоа, подоцна основав група за самопомош. И тогаш забележав дека има многу мажи кои доживуваат слични ситуации како моите.

Покрај советувањето на мажи во кризните ситуации, здружението нуди и засолниште за мажи кои доживеале насилство. А, Тами Вајсенберг, во меѓувреме, живее со друга жена.