Како да пиете алкохол без вечерта да ви заврши како„црна дупка“?

28 јули, 20200
alkohol

Алкохолот е присутен на секоја забава и прослава без разлика на поводот и многу луѓе го прифаќаат како најдобар начин да се релаксираат, полесно да комуницираат и да се дружат.

Но, кога се работи за пиењето алкохол, постои тенка линија помеѓу пиењето за подобра забава и пиењето кое ја уништува забавата. Еве неколку практични совети кои ќе ви помогнат да уживате во еуфоричниот ефект на алкохолот без да ја преминете границата и да се соочите со непријатното пијанство:

  1. Јадете пред да излезете. Кога знаете дека излегувате на место каде што ќе пиете алкохол, јадете еден час пред излегување. Ако пиете на празен стомак, само си барате неволја. Докажано е дека алкохолот побрзо се апсорбира кога стомакот е празен. Храната ќе ви помогне алкохолот да се апсорбира побавно.
  2. Напијте се чаша млеко неколку часа пред да започнете со пиење. Еден до два часа пред да започнете со консумација на алкохол напијте се чаша млеко. Млекото го „обложува“ стомакот, а со тоа ја забавува апсорпцијата на алкохол и ја намалува иритацијата на стомакот. Иако ваквото тврдење е дискутабилно и не е научно докажано, факт е дека млекото е храна, а секоја храна е препорачлива пред да започнете да пиете алкохол.
  3. Одредете си граница и не ја преминувајте. Пред да излезете од дома, помислете каде ќе одите и каков алкохол би се служел таму. Изберете си што ќе пиете и според некое претходно искуство или разумна проценка одредете колку чаши можете да испиете без да го доживеете непријатното пијанство. Две? Три? Четири? Ако самите не можете да се придржувате кон таа граница, побарајте некој ваш пријател да ве контролира. Имајте во предвид дека ако сте изморени или недоволно наспани, тогаш треба да консумирате и помалку алкохол.
  4. Не мешајте различни пијалоци. На почетокот на вечерта одлучете што сакате да пиете, дали пиво, вино или одреден тип жесток алкохол, а потоа пијте единствено од него. Мешањето на пиво, вино и жесток алкохол не само што побрзо ќе предизвика пијанство, туку и ќе ви донесе поголеми главоболки наредниот ден.
  5. Мезете во текот на пиењето. Ако често поткаснувате нешто додека пиете, тогаш ќе чувствувате дека стомакот ви е полн и помалку ќе пиете. Најдобро е да консумирате храна како кикирики или сирење, т.е. храна што содржи протеини.
  6. Пијте еден пијалок во текот на еден час. Доколку се придржувате кон ова непишано правило, ќе успеете да ја контролирате количината алкохол што ја внесувате и ќе му дадете доволно време на телото да успее да се пребори со внесениот алкохол без посериозни последици.
  7. На секој испиен пијалок, напијте се по една чаша вода. Многу е важно да пиете вода додека пиете алкохол. Алкохолот предизвикува дехидратација на телото којашто уште повеќе ги влошува симптомите на пијанството. Некои од симптомите на мамурлак, како вртоглавица,  главоболка и сува уста, се последица на дехидрација предизвикана од алкохолот. Продолжете да пиете вода и откако ќе завршите со пиењето на алкохол.
  8. Бројте си ги чашите. Во текот на забавата потребно е во секој момент да знаете колку пијалоци сте испиле. Ако започнете да заборавате колку сте испиле, вашата способност за расудување веќе е намалена и време е да ја спуштите чашата и да преминете на безалкохолни пијалоци.
  9. Не се обидувајте да пиете колку мажите. Не се обидувајте да докажете дека можете да пиете како маж. Жените можат да поднесуваат помалку алкохол и кај нив ефектот од алкохолот се појавува побрзо.
  10. Не пијте неколку пијалоци едноподруго. Консумирањето на големо количество алкохол во краток период е најлошото нешто што можете да си го направите. Така алкохолот носи токсини во телото толку брзо, што телото не може да се справи со нив.
  11. Избегнувајте го пушењето цигари. Сите пушачи тврдат дека најмногу пушат додека пијат алкохол затоа што цигарата најмногу „им оди“ со чаша алкохол. Но, цигарите придонесуваат да се чувствувате многу полошо, особено ако не успеете да го контролирате пиењето. Наредниот ден сигурно ќе жалите за мешањето на цигари со алкохол.
  12. Знајте да кажете „не“. Пиењето во друштво најчесто е причина да испиете повеќе алкохол отколку што навистина сакате. Ако не можете да им одолеете на поканите од типот „ајде уште една тура“, тогаш лесно може да завршите пијани и да си ја уништите вечерта. Бидете цврсти и кажете „не“ кога мислите дека сте испиле доволно.
  13. Ако не можете да кажете „не“, мамете. За време на прослава често се наздравува, па сите присутни пијат почесто. Но, вие не мора да пиете при секоја здравица. Доближете го алкохолот до устата без да се напиете или пак напијте се само мала голтка. Додека вашите пријатели не обрнуваат внимание, дополнете си ја чашата со сок или со вода, во зависност од пијалокот, за да изгледа дека имате доволно пијалок и да не треба да порачувате нов. И уште еден трик – земете ја чашата и со неа одете да се поздравите со пријателите на другата маса. Намерно оставете ја чашата некаде по патот и вратете се на вашата маса без неа. Никој не треба да ве принудува да пиете ако не сакате.

Колку и да може да го подобри вашето расположение и да направи да ви е позабавно, алкохолот многу повеќе може да ви ја уништи забавата. Ако сакате да си поминете одлично и да се сеќавате на вечерта наредниот ден, или пијте умерено или воопшто не посегнувајте по алкохолот.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

escort - Korsan taksi