Кај пациенти кои прележале заболување од коронавирус е констатирано трајно оштетување на белите дробови, тие потешко дишат и брзо се заморуваат. Сепак, експертите сметаат дека оние кои прележале – развиле имунитет.
Овие бројки будат надеж: преку 86.000 заболени од Ковид-19 оздравеле зашто болеста кај нив имала само благи симптоми, или бидејќи добиле квалитетна медицинска нега. Но, засега има релативно малку информации за тоа како се чувствуваат по оздравувањето.
Некои од нив со олеснување раскажуваат како физички и психички го пребродиле тој период: лечење на симптомите, мачната неизвесност, исцрпувачката фаза на изолација. Тие се радуваат што по излекувањето стекнале имунитет на вирусот САРС-КоВ-2.
Целосно оздравување?
Но, следните месеци ќе покажат дали кај одделни пациенти кои се опоравиле останале и несакани последици. Во фокусот се првенствено белите дробови. Со оглед на тоа што новиот вирус Ковид-19 првенствено ги напаѓа дишните патишта, заразените лица со средно силни или јаки симптоми страдаат од сува кашлица, проблеми со дишењето и (или) запаление на белите дробови.
Лекарите во Хонгконг кај некои од пациентите по оздравувањето утврдиле намалена функција на белите дробови и трајно отежнато дишење. Тие, додуша, можеле да прегледаат само релативно мала група заболени, но постојат први показатели за можни последици. „Кај одделни пациенти функцијата на белите дробови по оздравувањето би можела да биде намалена за околу 20 до 30 проценти“, вели д-р Овен Цанг Так-јин, медицински директор на Центарот за заразни болести во болницата Принцеза Маргарита во Хонгконг. „Тие тешко дишат кога се движат малку побрзо.“
Сомнеж во фиброза на белите дробови
Други истражувања кај лица кои пребродиле Ковид-19 сега треба да покажат дали тие развиле фиброза на белите дробови, кај која настанува запаление на врзното ткиво. Тоа пак доведува до размножување на белодробното врзно ткиво меѓу белодробните меури и околните крвни садови.
Поради тоа кислородот потешко стигнува до крвните садови, белите дробови стануваат крути, дишењето површинско и отежнато. Последици се пречки во дишењето и сува кашлица, како и смалување на телесната форма, па доаѓа дури и до тешкотии во секојдневните активности.
Фиброзата на белите дробови е неизлечива, остава трајни лузни на белодробното ткиво. Но, напредувањето на болеста може да се успори или да се запре ако навремено се дијагностицира.
Имунитет на заболените против вирусот
Најголем број стручњаци е уверен дека лицата кои преболеле зараза од коронавирус потоа станале имуни на болеста. Имунолошкиот систем за време на инфекцијата создава антитела кои ги уништуваат предизвикувачите. Тоа важи и за оние кои имале само слаби или дури никакви симптоми, зашто нивниот имунолошки систем сепак реагирал на предизвикувачот на болеста и создал соодветни антитела. Затоа е многу веројатно кај нив да не дојде до повторна инфекција со коронавирус.