Кога мислите дека сте виделе се: 6 брутално убави села во Франција

15 април, 2021
62061201

Овие места со векови им се инспирација на разни уметници и патници, па погледнете ја нашата галерија и запомнете ги за првиот пат кога повторно ќе ја преминете границата …

Село кое го штити ѕвезда: Мустиер-Сант-Мари, Прованса

Сместено е на влезот во кањонот  Вердон и лежи во подножјето на драматичните карпи над реката Ада. Познат е по керамиката и капела од 14 век. Помеѓу карпите виси златна sвезда која, според традицијата, таму ја поставил витез.

Бајковит пејзаж: Рикевихр, Елзас

Гласини велат дека селото служело како инспирација за цртаниот филм на Дизни, Убавицата и sверот. Шарените колиби од 16 век се украсени со цветни балкони. Покрај својата убавина, Рикевихр е горд на одличното вино.

Засолниште за уметници: Пиња, Корзика

Средновековното село на ридот ќе ви понуди калдрмени улици и прозори со сини нијанси опкружени со маслинови дрвја. Познат е по традиционалните украси, грнчарија, уметнички галерии и доколку имате среќа, ќе наидете и на некоја претстава.

Царство на мирисот: Грас, француска ривиера

Скриен во ридовите северно од Кан, градот е центар на француската индустрија за парфеми и произведува две третини од сите природни ароми на земјата. Во него ќе најдете триесет фабрики за парфеми кои нудат тури со водичи и работилници за правење парфеми.

Како од уметничко платно: Овер на Оаза

Познатиот Винсент ван Гог ги помина последните денови во ова село и доколку го посетите, ќе се чувствувате како да сте зачекориле во некоја од неговите слики. Прошетајте покрај бреговите на реката и житните полиња и ќе разберете зошто многу други уметници ги создале своите ремек-дела токму тука.

Бегство на море: Вилфранш-сур-Мер, Азурниот брег

Пристанишниот град го задржа стариот шарм иако се наоѓа во близина на брзата и урбана Ница. Во него можете да поминете мрзливо попладне пиејќи кафе и гледајќи чамци како пловат низ заливот. Погледнете ја и розовата капела од 14 век, во која има фрески од уметникот Жан Кокто.