Нов Претседател на Управен одбор во Триглав пензиско друштво

20 април, 2021
nov pretsedatel upraven odbor

Согласно одлуката на Надзорниот одбор на Триглав пензиско друштво АД Скопје, донесена на 12-та седница, одржана на 25.02.2021  година и по издадено одобрение од страна на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување – МАПАС, од 01.04.2021 година  г. Тихомир Петрески ја презема функцијата член и Претседател на Управниот одбор на Триглав пензиско друштво АД Скопје.

Г. Петрески доаѓа од позицијата генерален менаџер и основач на ПЕТРЕСКИ & ПАРТНЕРИ дооел Скопје. Зад себе има обемно професионално искуство во корпоративниот сектор, стекнато на повеќе раководни функции на домашниот и на интернационалните пазари за време на својата професионална кариера и повеќегодишно наставно искуство со активно учество во формалното и неформалното образование.

,,Ми претставува привилегија и задоволство да бидам дел од тимот професионалци, кои раководат со компаниите членки на  Групацијата Триглав. Воедно, предизвикот е уште поголем, затоа што станува збор за одговорна улога во управувањето со  најмладиот член, како на Групацијата така и во реформираниот пензиски систем, и ќе ги вложам сите мои професионални капацитети  во насока на остварување на заедничката  цел, друштвото да се позиционира како атрактивен избор за капитално финансирано пензиско осигурување на македонскиот  пазар’’ – изјави г. Петрески во оваа прилика.

Г. Маријан Николовски и натаму продолжува да ја врши функцијата член на Управниот одбор на Друштвото.

Триглав пензиско друштво е дел од Групација Триглав, една од најголемите осигурително-финансиски групации во ЈИ Европа. Со работа започна во 2019-та година и во неговиот фокус е грижата за интересите на членовите на фондовите со коишто управува преку постигнување што подобар инвестициски резултат.