ДАРКО ДИМИТРОВ И ЕРЗАНА ПО 20 ГОДИНИ ЌЕ СНИМАТ НОВА ПЕСНА

10 мај, 2021
darko erzana

Композиторот и продуцент Дарко Димитров и пејачката Ерзана, сакаат да снимат нова песна, 20 години откако заедно работеа на албумот „Без зборови“. По овој албум, кој ја направи една од најпопуларните пејачки, Ерзана се повлече од музичката сцена. И иако одамна не пее, нејзините песни и сега се хитови, а „Ноќна кралица“, „На чекор од тебе, „Колекционер“, „Изулија“, Ти“, денес ги слуша и помладата публика. Дарко, не крие дека е горд на овој албум и вели дека песните и денес звучат свежо и модерно. Тој неодамна во интервју за „Репортер“ ни откри дека и Ерзана сака да сними нешто ново и дека летово најверојатно ќе ја реализираат идејата.

„Во контакт сме со Ерзана цело време откако се повлече од музиката и веќе разговаравме да снимиме нешто ново. Ѝ викам: Дојди Ерзана, треба да си тука. Таа живее во Америка и има семејни обврски. Со неа навистина направивме фантастичен албум. Тој тогаш звучеше револуционерно, а сега звучи како да е сега направен. Таа како вокал го нудеше тоа, има фантастични импровизации и знаеше од една нота да направи седум“, ни рече Дарко во интервјуто.

Популарниот композитор ни призна и дека „Без зборови“ му е еден од најдрагите албуми што ги направил во неговата 30-годишна кариера.

Преземено од muzika24.mk