ОД ВАКЦИНА ПРОТИВ КОРОНА ДО ВАКЦИНА ПРОТИВ РАК: Како денешната технологија може да помогне во лекувањето на ракот

3 септември, 2021
profimedia-0584576711

Истражувачите смислиле вакцина во две дози која може да ги нападне туморите кај луѓето

Научниците тврдат дека технологијата која стои зад вакцината „Ковид-19“, исто така, може да помогне во борбата против ракот.

Според извештајот, истражувачите смислиле вакцина во две дози, која би можела да ги нападне туморите кај луѓето, односно протеините кои се присутни на површината на многу видови клетки на ракот, пренесува британскиот весник „Гардијан“.

Кога била тестирана на глувци, вакцината го зголемила бројот на антитуморни Т -клетки кои ги напаѓаат канцерогените израстоци, помагајќи да се зголемат стапките на преживување.

Тим од Универзитетот во Оксфорд сега има дозвола да прави тестови на луѓе.

– Технологијата за вакцини базирана на вектор-вакцина е исклучително моќна. Во последниве години, имавме нов пристап кон третманот на ракот, имунотерапија, која имаше исклучителни резултати – изјави професорот Беноа Ван ден Ејнде.

Тој, сепак, додаде дека имунолошкиот систем на некои пациенти не реагира на тоа.

– Значи, тука е идејата да се користи вакцина базирана на технологија на Оксфорд, со цел имунолошкиот систем навистина да научи како да ги препознава клетките на ракот – рече професорот.