Некогашната Спајсица, сега угледна модна дизајнерка, Викторија Бекам, не се приклучи на лудилото на црниот петок со својата продавница, а нејзината облека сепак се продаваше по полни цени. Причината наводно е слабата работа на нејзиниот бренд поради што има долг од неверојатни 53,9 милиони фунти.
Нејзината продавница во лондонската улица Довер беше без редици клиенти за црниот петок, а на излогот имаше само голем лак како украс за почетокот на доаѓањето на претстојната празнична сезона. Секој што сака да си дозволи дизајнирано парче со нејзиниот потпис, ќе ја плати целата цена бидејќи како што стојат работите, нема да има ниту божиќни попусти.
Поранешната пејачка го започна својот моден бренд во 2008 година со мала колекција на фустани, а нејзиниот бренд брзо беше препознаен од модните критичари и љубителите на модата, а набрзо прерасна во вистинска дизајнерска куќа која вклучува модни додатоци, долна облека и чевли. Сега брендот се соочува со сериозна криза и неизвесна иднина, што јавно го потврди и портпаролката на Викторија, откривајќи го долгот кој стана преголем товар.