Бозата потекнува од Турција, од времето на Отоманската империја, а се верувало дека овој пијалок стар повеќе од илјада години му дава сила на телото.
Тоа е освежителен, безалкохолен пијалок кој се добива со ферментирање на воден раствор од пченкарно брашно, квасец и шеќер. Сокот има густа структура, заматен е и има необичен мирис, по боја од жолтеникава до окер.
Богат е со витамини А, Б и Е, како и со железо. Содржи и голем број корисни бактерии, па особено е добар за спортистите, трудниците и мајките. Идеален е за имунитет.
Веднаш помага при исцрпеност, дехидрација и мамурлак. Рецептот за боза е едноставен и можете да го подготвите дома.
Ви треба:
500 грама непросеано пченкарно брашно
5 литри млака вода
20 грама квасец
500 грама шеќер
Подготовка:
Во поголемо тенџере ставете го пченкарното брашно, додадете 5 литри вода и оставете го преку ноќ. Наутро ставете го на шпорет и варете два часа со повремено мешање. Тргнете го од шпорет и оставете го да отстои неколку часа.
После тоа во смесата измешајте го квасецот измешан со малку млака вода, па оставете го повторно „да преноќи“ до следниот ден. Потоа, процедете ја течноста преку газа и додадете шеќер.
Напитокот по желба можете да го декорирате со цимет во прав.