Празниците се време кога мирисите на цимет, ванила и печива го исполнуваат домот и го загреваат срцето.
Дали знаевте дека печењето колачи не само што го прави вашиот дом попријатен, туку и ве прави посреќни? Зад овој сладок ритуал се крие цела низа научни објаснувања и емоционални придобивки.
Академското списание Journal of positive psichology проучувало 658 млади луѓе во текот на две недели и открило дека акцентот на секојдневната креативност помогнал да се поттикнат позитивните психолошки функции. Готвењето и печењето всушност можат да им помогнат на луѓето со широк спектар на проблеми како аутизам, депресија, анксиозност и пречки во учењето.
Прво, тука е магијата на создавањето. Кога месиме тесто, обликуваме колачиња или топиме чоколадо, се потопуваме во процес кој го смирува и го фокусира умот. Дополнително, печењето ја поттикнува креативноста, а крајниот производ – чинија полна со топли колачиња – носи чувство на постигнување.
Печењето колачи има и социјална димензија. Споделувањето торта со семејството, пријателите или соседите создава чувство на поврзаност. Научните истражувања покажуваат дека споделувањето храна го стимулира лачењето на хормоните на среќата како окситоцинот. Ова чувство на заедница е особено важно за време на празничната сезона кога бараме топлина и блискост со другите.
Не смееме да ги заборавиме ниту мирисите. Психолозите тврдат дека мирисот на свежо испечените колачиња има моќ да буди среќни спомени од детството, враќајќи не во безгрижните моменти кога првпат ја лижевме лажицата со преостанатата чоколадна смеса. Овие мириси го стимулираат лимбичкиот систем, делот од мозокот одговорен за емоциите, автоматски нè прави посреќни.
Значи, ако го барате совршениот рецепт за среќа оваа празнична сезона, не треба да барате далеку. Отворете ја книгата за рецепти, вклучете ја рерната и оставете го процесот на печење да ве исполни со топлина, радост и љубов. Бидејќи во секоја торта има малку повеќе од само брашно и шеќер – љубовта што ја вложувате во неа.