
Зимата е во полн ек, а со неа и студот кој нема да попушти наскоро. Додека луѓето можат да се заштитат со топла облека, капи и шалови, нашите четириножни пријатели ја немаат таа опција.
Значи, кога е всушност премногу ладно за да го изнесете вашето куче надвор?
„Општо земено, ако ви треба капа и шал кога сте надвор, веројатно и на вашето куче ќе му биде ладно“, изјавила за Метро дресерката Лорна Винтер.
Таа понатаму објасни: „Ако се движат и трчаат, вежбањето може да им помогне да се загреат, но не заборавајте дека тротоарите се многу ладни, а кученцата и малите кучиња се почувствителни на ниски температури.“
Расата игра голема улога
Винтер нагласи дека некои раси се подобро прилагодени на студот поради погустата коса, двоен слој крзно или поцврстата градба. Ова вклучува раси како Њуфаундленд, сибирски хаски, тибетски мастифи и норвешки елкхаунд.
Од друга страна, кучињата со пократко крзно и помала телесна маса, како што се чивавите и француските булдози, се почувствителни на ниски температури и им треба дополнително внимание.
Експертот им препорачува на сопствениците да им помогнат на своите миленици со тоа што ќе им обезбедат соодветна зимска облека, како топли мантили, а за дополнителна заштита да набават и специјални чизми за кучиња.
Но, постои граница кога студот станува опасен дури и за кучињата со соодветна заштита.
„Кога температурите паѓаат под пет степени Целзиусови, дури и најтопло облечените кучиња може да имаат проблем со одењето“, предупреди Винтер.
Ако забележите дека вашето куче покажува знаци на непријатност, како што е треперење, ги крева шепите од земја или одбива да се движи, време е да го загреете. Размислете и за пократки прошетки или активности во затворен простор за време на екстремен студ.