
По многу шпекулации, Кети Пери и Орландо Блум потврдија дека се разделиле по речиси 10 години врска.
Двојката објави дека одлучила да ја промени природата на својата врска и да се фокусира исклучиво на заедничкото родителство.
„Поради огромниот интерес и бројните разговори околу врската на Орландо Блум и Кети Пери, можеме да потврдиме дека Орландо и Кети ја промениле природата на својата врска во последните месеци и се фокусираат исклучиво на родителството. Тие ќе продолжат да се сметаат за семејство како што е и секогаш ќе биде нивниот заеднички приоритет – одгледување на нивната ќерка со љубов, стабилност и меѓусебно почитување“, изјавија нивните претставници за Page Six.
Гласините за раскинувањето почнаа да се шират минатата недела, а кратко потоа, Орландо Блум на социјалните мрежи навести дека поминува низ емоционално предизвикувачки период. Во своите објави, тој сподели цитати од познатиот швајцарски психијатар Карл Јунг, меѓу кои се издвојуваше мислата: „Осаменоста не доаѓа од тоа што немате луѓе околу вас, туку од тоа што не можете да комуницирате со луѓе кои ви изгледаат важни“.
Во друга објава, тој изјави: „Дури и среќен живот не може да биде без доза на темнина, а зборот среќа би го изгубил своето значење ако не е избалансиран со тага“.
Како што претходно им кажаа извори блиски до двојката на странските медиуми, раскинувањето се случи минатиот месец. Тие изјавија дека Кети била емоционално погодена, но во исто време и донекаде олесната бидејќи не морала да помине низ уште еден развод, што, според изворот, било едно од најтешките искуства во нејзиниот живот. Тие исто така додадоа дека врската меѓу Пери и Блум била затегната веќе некое време и дека раскинувањето е неизбежно.
Кети Пери и Орландо Блум ја започнаа својата врска во 2016 година, по забавата на Златните глобуси. Тие се верија три години подоцна, а во 2020 година станаа родители на девојче, Дејзи Дав.