Гледачите тврдат дека овој хорор е еден од најдобрите во последните години

popara13 февруари, 20251min00
1739371680-Screenshot-2025-02-12-at-15-47-47-HIS-HOUSE-Trailer-2020-Netflix-Thriller-Movie-YouTube-750x451

Хорор жанрот често е обележан со подеми и падови – некои филмови оставаат силен впечаток, додека други брзо паѓаат во заборав. Сепак, одвреме-навреме се појавува филм кој успева да ги надмине очекувањата, комбинирајќи неизвесност, силна приказна и емотивна длабочина. Еден таков филм неодамна го привлече вниманието на многу гледачи, а критичарите му дадоа беспрекорна оцена од 100 проценти на Rotten Tomatoes.

Станува збор за британскиот хорор филм His House, режисерското деби на Реми Викс, чија премиера беше во 2020 година. Филмот брзо се здоби со статус на еден од најдобрите модерни хорор филмови, а неговата оригинална обработка за класичната тема на опседната куќа му донесе пет награди, вклучувајќи ја и БАФТА за извонредно режисерско деби.

Филмот следи брачна двојка, Бола (Сопе Дирису) и Ријал (Вунми Мосаку), бегалци од Јужен Судан, кои доаѓаат во Британија во потрага по безбедност. По опасното патување преку Ла Манш, при што трагично ја губат својата ќерка, тие се вселуваат во напуштена куќа на периферијата на Лондон. Меѓутоа, нивното ново секојдневие не само што е исполнето со расизам и предрасуди, туку и со нешто многу позлобно – зла сила која демне во сенките на нивниот дом, пренесува Индекс.

Додека се борат со сопственото минато, откриваат дека не се сами во трошните ѕидови, а нивната траума добива застрашувачка, надреална форма. Покрај главните актери, во филмот се појавува и Мет Смит (Доктор Ху) во улога на социјален работник, кој, за жал, не им помага многу.

Гледачите го пофалија филмот за неговата длабока емотивна приказна и уникатната атмосфера. На страницата r/Horror на Reddit, еден корисник напиша: „Мислев дека гледам општествено-политички документарен филм, но филмот постепено се развива во еден од најдобрите и емотивно најинтензивните хорор филмови во последниве години“, пишува Unilad.

Друг додаде: „Концептот, сценариото и глумата се одлични. Филмот е толку фокусиран и добро изведен што морав да проверам дали е заснован на сценска претстава“.

Критичарите на Rotten Tomatoes се согласија со овие оценки, истакнувајќи дека филмот „носи автентични стравови на секој агол, обезбедувајќи застрашувачки увид во траумите од искуството со бегалците и впечатливо режисерско деби на Реми Викс“.