Денеска се одбележува Денот на планетата Земја
Денеска се одбележува Денот на планетата Земја, меѓународна иницијатива чија главна цел е да се подигне свеста за заштита на животната средина и зачувување на планетата. Денот на планетата Земја се слави секој 22-ри април, а за прв пат беше прославен во 1970 година во САД.
Во организација на американскиот сенатор Гејлорд Нелсон и активистот Дениз Хејс, на одржувањето на првиот Ден на планетата Земја, повеќе од 20 милиони луѓе излегоа на улиците на САД.
Сенаторот Гејлорд Нелсон ја добил идејата за организирање на овој ден, откако ја видел штетата предизвикана од излевањето на 11 милиони литри нафта во Тихиот океан, што се случи поради дефект на нафтената платформа во близина на Санта Барбара, Калифорнија.
Денот на планетата Земја традиционално се одбележува со бројни акции ширум светот, како што се собирање ѓубре, садење дрвја, протестни прошетки на климатски активисти и едукативни работилници.
Зголемувањето на бројот на населението на Земјата и забрзаната индустријализација доведуваат до загадување на воздухот, почвата и водата. Последните стотина години планетата земја доживува поголемо загадување од милиони години наназад. Неодговорното однесување на човекот доведе до климатски промени, глобално затоплување, исчезнување на многу растителни и животински видови од лицето на Земјата.
Еколошките проблеми на нашата планета се многу поголеми отколку пред повеќе од половина век кога е започнато одбележувањето на овој ден. Доколку човекот не обрне доволно внимание на зачувувањето и заштитата на животната средина и одржливиот развој, доколку продолжи со неодговорното однесување, ќе дојде во ситуација да се затрупа и задуши во сопственото ѓубре. Од една страна се поголеми количини на отпад во животната средина а од друга страна нерационалното користење на природните ресурси, се закана за човечкиот род и негово самоуништување. Токму затоа Денот на планетата Земја се посветува на следниве активности:
- создавање на услови за одржлив развој
- зачувување на биолошката разновидност
- штедливо користење на природните ресурси
- користење на обновливи видови енергија
- правилно складирање на отпадот и користење на секундарните суровини со рециклирање
- активна борба против сите фактори кои имаат штетно влијание на климатските промени
Секако дека активностите од овој вид не се доволни само на меѓународно обележаните денови за заштита на планетата. Неопходно е секојдневно залагање, правилно и рационално користење на природните ресурси и одговорноста кон природата, кон нашето единствено место за живеење.
Денот на планетата Земја претставува можност секој жител на планетата да придонесе таа да биде почиста и поубава. Само здрава и чиста животна средина може да ни овозможи квалитетен живот.