
По 16 години работење, WhatsApp подготвува голема промена во начинот на најавување на корисниците, воведувајќи класични лозинки како дополнителен слој на заштита на сметката.
Досега, пристапот до апликацијата се базираше исклучиво на телефонски број и SMS код, што оставаше простор за злоупотреба како што е кражба на број преку измами со замена на SIM картичка. Новата опција, забележана во бета верзијата за Android, ќе им овозможи на корисниците да постават сопствена лозинка што ќе служи како дополнителна безбедносна бариера.
Најавувањето на нов уред ќе има три чекори во иднина: внесување SMS код, потврда на PIN (доколку е овозможена двостепена верификација) и внесување на лозинка. Ова ќе го отежни преземањето на сметка без дозвола од сопственикот.
Опцијата засега не е задолжителна и сè уште е во фаза на тестирање, но се очекува компанијата наскоро да ја прошири на iPhone уреди. Оваа промена е дел од поширока модернизација на апликацијата што Мета ја планира во наредниот период.