22 февруари, 2020

Радио

Си бил некој човек кој живеел во јужна Индија и сакал да тргне по патот на духовноста.
Тоа во Индија значело да се изолираш од луѓето, да седнеш некаде на тивко место, во шума, џунгла или пештера и да медитираш.
Човекот отишол во шумата и избрал место кое било блиску до селото, за да може лесно да дојде до храна.
Седнал и почнал да медитира. Кога огладнел, отишол во селото по храна и потоа се вратил во шумата.
Кога се стемнило, човекот забележал една лисица на која двете предни нозе ѝ биле отсечени, но и покрај тоа, таа сепак била здрава и нахранета.
Човекот бил изненаден, но сепак одлучил да ја игнорира лисицата и да продолжи со својата медитација.
По извесно време забележал дека се приближува некој лав, па заборавил на својата медитација и се качил на најблиското дрво.
На негово огромно изненадување, големиот лав дошол со парче месо во устата, го спуштил пред лисицата и таа го изела месото.
Човекот не можел да им поверува на своите очи. Помислил: „Ова е чудо. Ова е порака од Господ”.
Следната вечер повторно се случило истото.
Човекот веќе немал дилема дека тоа е порака од Господ до него, но не бил сигурен што значи пораката.
После долго размислување, ја интерпретирал пораката на следниов начин: „Во оваа шума дури и лисица без нозе може да преживее така што ја храни еден лав. Тогаш што барам јас да се враќам во селото по храна? Само ќе седам овде и храната сама ќе ми дојде”.
Така тој продолжил да медитира и воопшто не прекинувал за да бара храна. Од ден на ден бил сѐ послаб и послаб и многу потешко можел да седи исправен.
По извесно време веќе не можел повеќе ни да седи. Бил сосема истоштен и скоро мртов.
Некој друг јогин поминувал тука и слушнал лелекање од човекот кој умирал. Дошол до него и го прашал: „Што ти се случило? Зошто си во ваква состојба?”
Човекот му одговорил: „О јогину, те молам помогни ми. Добив порака од Господ, направив како што тој ми кажа и се најдов во оваа ситуација”.
Јогинот повторно го прашал што точно се случило.
Човекот му ја објаснил целата ситуација: „Гледај, онаму има лисица без нозе и секој ден ја храни еден голем лав. Нели е тоа порака од Господ до мене? ”
Јогинот го погледнал и му рекол: „Тоа е дефинитивно порака од Господ, но зошто ти наместо да избереш да бидеш како дарежлив лав, избра да бидеш како беспомошна лисица?”

Од нас самите зависи како ќе се поставиме во животот и врз основа на тоа како ќе им дозволиме на останатите да се однесуваат кон нас.

Изборот е секогаш наш, ние избираме дали ќе се однесуваме како вистински и дарежлив лав – ќе им помагаме на останатите на кои им треба нашата помош и ќе им бидеме од корист, или ќе се однесуваме како беспомошна лисица, па ќе чекаме од другите да се погрижат за нас.

Добро размислете и направете го вистинскиот избор!

Остави коментар

Почетна // Забава // Интересно // Поучна приказна: Како ќе се поставиме, така ќе се однесуваат со нас
Горе