А што ќе се случи со НАС, ден потоа…?

25 април, 20200
ulica1

Сакав да напишам продолжение за големата игранка против малите луѓе, но тоа ќе го оставам за Среда.
Сега сум инспириран од синоќешното интервју на 360 степени , на Др. Христијан Мицкоски, кај Васко Попетрески.

Нема да навлегувам во темата што ја апсолвираа, туку ќе пробам да ги поставам значајните прашања, на кои никој од актуелната власт и нивната булумента новинари, воопшто не размислува.

Ќе го враќаме парламентот (парламентарците) назад во Собрание, заради? Не сакам да размислувам дали е против законски како што велат стручни лица. Тоа не ме интересира, тоа е тема за стручните. Мене ме интересира, дали да ги вратиме за да го изгласаат неизгласаното,како на струја приклучени и тоа без сопствен став, туку по директива на штабовите.
Имаа можност да покажат што знаат. И ни покажаа како на најкоруптивен начин изгласаа се што си наумија. Што повеќе од ова?

Повторно прашање. Да ги вратиме за да ни го зголемат трошокот за нивно вдомување и патување, па на оваа немаштија уште и дневници да треба да им плаќаме? Или т.н апанажа да им ја продолжиме уште за некој месец додека трае оваа циркузијада? Да да, циркузијада за која повеќе од сигурен сум дека никој во власта не е свесен , што на сите нас во светот ни се случува. Зошто ако знаеа, немаше како кокошки заклани да се однесуваат целиов период, без јасна стратегија што ќе прават со нас во иднина.
Прочитале во некои светски бизнис магазини, дека со задолжување и тоа енормно, сите големи држави ќе се враќаат од мртвите, но не го забележале зборчето ГОЛЕМИ, а ние за жал сме далеку од такви.
Земаат, дури и молат за зајмови по странски банки и институции. Ќе не задолжат да не можеме стотина години од сега ,глава да дигнеме. Ќе ги враќаме и ние, децата наши, внуците, пра внуците и пра пра внуците. Така доаѓа математиката, што споменатите не ја ни познаваат.
А да прашам по пат, на т.н парламентарци им се скратија платите на 14.500 денари? Нив требаше да ги стават на прво место, затоа и тие плати што со години ги земаа не ги заслужија, а дури и би барал, официјално и да ни ги вратат. Зошто тие пари се наши пари!
Ни мислеа мислеа, па смислија. Ќе ја вратат онаа Нола Старова во собрание, или оној бандитот Мукоски, тие да ни ја кажат ,,вистината за Кенеди”.

Да ги вратат сите полтрони и лопови назад во собранието, за случајно да не им ги заборавиме суратите. Или можеби мислат овие од власта дека во “вратените” е клучот што ќе ни ги реши проблемите што следат? Ништо чудно. Толку се стручни, што веројатно Канческа Милеска или оној гревон Локвенец, ќе ги пуштат, со нова тура тендери -да ни ја исправат државата.

И да продолжам. Да не помисливте дека Луи Витон правдата и оној Боки што Ви ја зема душата, ги заборавивме? Можеби неколкумина скроз од страв посрани, но и тие кога ќе помине овој циркус, повторно ќе се сетат.

Да не помисливте, дека заборавивме и ќе заборавиме, како функционирате со или без парламент? Па жити се , ќе ги врателе назад, зошто без нив зделките броеја и до девет десет бројки, а сега сиромашките не преминуваат седум или осум. Затоа ли Ви требаат назад? Ви фалат нули?
Или помисливте, ќе ги вратиме назад, ќе поставиме еднопартиски систем, па на народов таман уплашен, ќе им ја честитате Среќна Нова 1949 та. На вака преплашен народ, таа идеа и не Ви е така страшна.

Абе залутани во виртуелниов свет. Знаете ли каде сте, што правите, како ќе преживееме? Пред некој ден прашав еден другар, еве истото ќе Ве прашам и Вас. Знаете ли дека големите економии, со невиден интензитет купуваат нафта на светските берзи? Нафта без пари. Знаете? Ма јок. А знаете ли дека до сега сто пати требаше да ги продадете златните резерви, што сеуште прашина фаќаат по Швајцарските Банки, па со тие пари да истрчате и Вие на берзата и купите нафта за дрѓавните резерви. Нафтата ќе се врати во нормала, а Вие од кога ќе ја помножевте со неколку цифри, да не кажам четвороцифрени, ќе го вратевте златото кај што му е местото, а со разликата ќе ги покриевте скоро сите дупки што сега се појавија и во државната каса, но и во микро и макро економијата во целост.
Ама не сте Вие за овакви софистицирани работи. Ова нема врска со Вашата Групер или Ајвар економија.

Имам уште, ама ми е незгодно народов да го вадам од памет, во време кога Вие успеавте целосно да му го одземете.

За крај сакам да го прашам и професорот Мицкоски . Ќе го прашував и Васко, кој многу го ценев, додека не успеа да си ја продаде душата на “ѓаволот”. Ваков нов Васко немам што да го прашувам.

Затоа: Зошто професоре, сеуште го држите професорскиот гард пред лавовите од зоолошката градина наречена северна? Додека тие “жими мајка или кога ќе си го..” фраери и во ваква криза си го тераат истиот брендиран филм, ти пробуваш на идентичен професорски стил да го наметнеш сопствениот став. За да професоруваш професоре, ти требаат студенти што ќе учат, додека ти истото го правиш со интелектуалната студентска класа , идентично комуницираш со оваа булумента, која и ментално и интелектуално-едвај има завршено осмо одделение, професоре Мицкоски. Ќе Ве видиме ли некогаш онака народски да чукнете на маса , гласно и јасно воочувајќи и на таа полу писмената багра, каде и е местото? Или ќе продолжите со благи пресс конференции да ја информирате јавноста, онаа јавност што другиве ја напикаа по дупки за глувци, посрана од страв, јавност што овој момент не е спремна да гледа и слуша ништо друго , освен пародијата пресови на Филипче и инструкторите за изолација и само запалување околу него. Размислете.

Размислувајте брзо Професоре, зошто кога Џери ќе излезе од дупчето кај што го напикаа, прво што ќе праша, каде ми е сиренцето. А С од сиренце нема останато.

Тогаш ќе се случи тоа што јас искрено најмалку го сакам. Ама не она што го гатаат и заговараат разни Миленковци, Ефтовци и Буреци, туку многу пострашно. Тогаш на тој огромен гладен дел, воопшто нема да му биде важно дали неговиот колега по глад се вика Али, Амди, Сафет, Ставре или Милорад.

Ова обраќање до Вас професоре, нема партиска позадина. Ви се обраќам како полуписмен граѓанин што многу комуницира.. гледа..соочувствува и се плаши. Ама не од овие најадениве, туку од тие најгладните. На нив, на сите нас ни треба лидер за пост фестум вирусен или каков и да е. Лидер, кој кога сите ние ќе се соочиме со суровата реалност, ќе застане машки да ни каже како да си ги прехраниме семејствата..

Остави ги на страна и домашното воспитување и стручната наобразба, и раскажи го “на нашки” на нас полуписмените, со што ние навистина многу скоро ќе се соочиме-професоре. Зошто кога ќе не “купиш” еднаш со твојата искреност, многукратно ќе ти вратиме со сопствената лојалност. Тоа овој народ одамна го заслужува…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

escort - Korsan taksi