Прво те игнорираат, потоа ќе те исмејуваат, па те напаѓаат, следно те копираат, и на крај – победуваш

13 мај, 2020
mickovski

“Прво те игнорираат, потоа ќе те исмејуваат, па те напаѓаат, следно те копираат, и на крај – победуваш”, реагира лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски по денешниот донесен пакет монетарни мерки од страна на Народната Банка.

Во месец март кога јасно се гледаше дека стопанството ќе претрпи сериозен удар, на прес конференција Мицкоски предложи ослободување на стерилизирани средства во Народна банка преку благајничките записи и намалување на каматната стапка.

Основна цел на овој потег е двонасочна, банките вишокот ликвидност да ја пласираат во поддршка на буџетот преку купување на државни хартии од вредност и државни записи и втората насока, директно кредитирање на стопанството. Овој предлог го дадов затоа што тие пари се потребни за санирање на последиците од здравствената и економска криза предизвикана од корона вирусот. На прва веднаш бев одбиен и примитивно исмеван, вели Мицкоски.

Според Мицкоски, тогаш Заев, Спасовски и останатите го исмеваа овој предлог и велеа дека тоа било „инженерска економија”, сакајќи да потценат, навредат.

Но, денес се докажува дека таа “инженерска економска политика” е поуспешна и поефикасна во однос неговата политика насловена “евро за батето” во справувањето со последиците предизвикани од пандемијата.

Ја користам оваа прилика на одговорните од Народната банка да им честитам што веќе втор месец, практично го спроведуваат предлогот и на тој начин, најпрвин во април ослободија 8 милијарди денари, а сега во мај ослободуваат дополнителни 7 милијарди денари или вкупно на располагање се 15 милијарди денари или 250 милиони евра свеж капитал кој банките и владата може да го користат за помош на стопанството и редовно сервисирање на обврските од буџетот кон граѓаните.

На крај би сакал да го потенцирам следното, иако тие го негираа, критикуваа и исмејуваа мојот предлог, добро е што истиот со задоцнување го применуваат, затоа што граѓаните треба да имаат корист од сето ова, и затоа што уште еднаш се покажа дека сме различни со СДСМ и Зоран Заев во секој поглед. Во минатото како опозиција, во услови на криза, СДСМ ја кодошеше државата, пишуваше писма и правеше опструкции преку техничките министри во владата, а денес ВМРО-ДПМНЕ со квалитетни и добро осмислени предлози, во услови на тотално неспособна влада, на прво место ги става интересите на граѓаните и државата. Секогаш и во секоја прилика додека ја водам партијата, довербата од граѓаните нема да ја разочарам, вели лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски.