„Пријателите“ повторно заедно од 27 мај, заедно со Лејди Гага, Бекам, Малала, Бибер…

14 мај, 2021
prijatelji-1024x655

Долгоочекуваната средба на „Пријателите“ ќе се емитува на 27 мај, а познати гости како Џастин Бибер, Лејди Гага и К-поп-групата БТС ќе се појават во специјалната епизода, објави стриминг сервисот HBO Max.

Специјалот „Пријатели: Собир“, во кој ќе се појават сите шест оригинални актери, првично требаше да се снима пред повеќе од една година, но проектот беше одложен заради пандемијата на корона вирусот.

Еднократниот специјал без сценарио беше снимен претходно оваа година на истата сцена во Лос Анџелес како оригиналната комедија за шест пријатели кои живеат во Њујорк.

„Пријатели“, која заврши со емитување на Ен-Би-Си во 2004 година, беше една од најпопуларните ТВ-серии во 90-тите години и заживеа на стриминг платформите како една од најгледаните серии низ целиот свет.

Во специјалот учествува оригиналната актерска постава: Џенифер Анистон, Лиза Кудроу, Кортни Кокс, Дејвид Швимер, Мет Лебланк и Метју Пери.

HBO Max објави дека во специјалот ќе се појават повеќе од 15 славни гости, вклучувајќи ги поранешните членови на „Пријатели“ како Том Селек (Ричард) и Меги Вилер (Џенис), но и други како британскиот фудбалер Дејвид Бекам, актерот од „Игра на тронови“ Кит Харингтон и пакистанската добитничка на Нобеловата награда за мир, Малала Јусафзаи.