Иако постарите лица многу потешко наоѓаат работа, тоа воопшто не треба да ве разочарува. Доколку барате работа, а не сте во „цутот на младоста“, не се нервирајте, туку само помислете на своите квалитети. Запомнете дека постарите лица се пофлексибилни од помладите, со поголемо искуство и прифаќаат поширок спектар на работа и работно време.
Всушност, иако навидум не изгледа така, последните истражувања покажуваат дека компаниите почесто се заинтересирани за постари и поискусни кандидати. Еве ви неколку совети за тоа како да станете подобар кандидат за вработување иако сте постари:
Бидете објективни: За разлика од младите, постарите лица имаат поголемо животно искуство кое им помага реално да ги согледааат своите капацитети, таленти и можности. Бидете храбри и тргнете во акција, но во исто време не поставувајте превисоки цели, затоа што на крајот ќе се разочарате.
Бидете отворени: Не се ограничувајте само на работи кои досега сте ги извршувале. Доколку немате можност да работите по вашата струка, обидете се да се пронајдете себеси во други сектори. Сигурно имате поширок спектар на квалитети, а можеби ќе откриете и некој ваш скриен талент.
Бидете флексибилни: Постарите лица во просек се многу пофлексибилни отколку помладите. Освен што прифаќаат разлчни работни понуди, постарите лица се пофлексибилни и кога станува збор за учење на нови вештини, како на пример компјутерски или лингвистички вештини.
Бидете информирани: Пред да аплицирате за работа, добро информирајте се за слободното работно место, но и за самата компанија. Тоа ќе ви биде силен адут против другите кандидати, а ќе знаете и во што се впуштате.
Бидете во чекор со времето: Не бидете носталгични за време на интервјуто, туку покажете дека размислувате за иднината. Покажете дека сте современи и дека сте во тек со модерната технологија. Исто така покажете дека имате повеќе искуство, но и дека сте спремни да работите во тим со помлади луѓе.