Работа од дома, Да или Не?

6 мај, 20110
work-from-home

Доколку пред неколку години работата од дома воопшто не беше сметана за работа, во последниве години ваквиот вид на функционирање сè повеќе се зголемува, а сево ова е директна последица од брзиот развојот на технологијата и широкопојасниот интернет кои се неопходен предуслов за тоа. Потребата на луѓето за флексибилна работа, односно флексибилно работно време, и растот на цената на горивата, во последните години доведоа до раст на популарноста на т.н работа од дома, посебно во Америка и во Канада каде што до работното место често се патува и по два часа. Во Америка на пример, бројот на фирмите кои на своите вработени им нудат работа од дома, пораснал од 30% на 42% во однос на претходната година.Во Канада, пак, бројот на фирмите кои на своите вработени им ја понудиле оваа опција, пораснал од 25 на 40 % во однос на претходната година. Во Европската унија, денес од дома работат 20 милиони луѓе.

Најголема примена на „работа од дома“ наоѓа во областите каде што е тоа „дозволено“ -телекомуникации, информатика, новинарство, графички дизајн, научниот и проектната работа како и маркетингот и on-line трговијата. Односно, оние чија работа не е врзана со седење на столче и не е врзана за работниот простор. Ако се направи добра сигурносна и правна организација, не би имало пречки ниту за правниците, лекарите и другите професии.

Покрај заштедата на време и енергија при секојдневните доаѓања и заминувања од работа, сè почесто се спомнуваат и еколошките предности на работата од дома затоа што покрај заштедата на гориво значително е и смалувањето на емисиите штетни гасови.

Со работа на далечина, меѓу првите кои почнале биле меѓународните компании кои на тој начин штеделе простор. Еве како размислува вработена која функционира „на далечина“:
“Со оглед на тоа дека работам во мултинационална компанија чие главно седиште е во Тел Авив Израел, а мојот шеф работи во уште неколку различни држави во Европа и Азија, комуникацијата со претпоставените воглавно се одвива во телефонски договарања и интернет комуникација. Моето работно место бара и многу повеќе од вообичаеното односно од она на што се навикнати луѓето кои работат со македонски работодавци, зашто не е едноставно сите дневни обврски и тешкотии на кои се наидува, да се пренесат точно и прецизно и при тоа (телефонски) да се најдат најдобрите решенија за одреден проблем, документ или состанок.

Поголем “проблем” во моментов претставува и фактот дека канцеларијата која ја имаме како компанија се преуредува па истата не сум во можност да ја користам. Не можете да си замислите на што личи работната соба во мојот дом. Хартии и документи на сите страни, компјутери, принтери, скенери, дуплирани се разбира зашто освен мојата техника тука е преселена и дел од техниката од работа. Од ова произлегува и непостоење на стриктно работно време, зашто човек кога е опкружен со работата, постојано чепка по нешто што треба да се доработи. Згора на сè, да работиш за Израелска компанија значи и губење на денот НЕДЕЛА. За оние кои не знаат, за Израелците викенд денови се петок и сабота, а прв работен ден е недела. Со оглед на тоа дека се една часовна зона пред нас, во недела во 8.00 започнува да ѕвони Blackberry-то со сите работни обврски за тековната работна недела.

Меѓутоа предностите се огромни. Флексибилно утринско станување, менаџирање на работата и приватните обврски согласно сопствените навики, состаноци вон канцеларија на воздух и меѓу луѓе, а кога имате шеф како мојот не е проблем и лесно договарање на одморите и викендите. Впрочем и самиот знае дека телефонот ќе биде постојано вклучен, Blackberry-то ќе прима е-mail било каде“.

Останатите кои работат на таков начин, велат дека со ваквиот вид на работа се повеќе мотивирани, се соочуваат со помалку стрес и прават подобар баланс во односот на семејството и работата. Ваквата работа сепак не е за почетници, бидејќи немаат можности за вреднување на сопствената работа.

Психолозите сметаат, а тоа се покажало и на дело, дека работниците кои работат на далечина пријавуваат влошување на односите со колегите иако не е видливо влошување во работата. Работата од дома може да биде и пречка во напредокот во одредени занимања. Се намалува времето поминато во директниот контакт со луѓето кој е многу важен за достигнување до некои позиции. Стручњаците за човечки ресурси сметаат дека оној кој има намера да стане менаџер на тимот или водач на проектот, мора да поминува време со вработените и со шефовите со цел да се запознаат подобро, и што е најважно да се создаде доверба во способноста да се надминат различни ситуации.

Стари навики
Старите работни навики, но и навиката на шефот своите вработени постојано да ги имаат на око, можат да бидат пречка, пред сè во земјите на Балканот каде што сè уште реперот за работливоста и предаденоста на вработениот се мери во однос на тоа колку саати вработениот поминува на работното место.

„Вработените сè уште се плаќаат по принципот на одработени работни часови. Без разлика дали вистински работат или „дремат “ на facebook. И крајно време е да се смени ваквиот принцип и да се премине на фиксна плата плус процент. Така вработениот ќе добие колку ќе заслужи, а освен тоа ќе има поголем мотив да работи.

Како да ги инспирирате вработените да ја завршат работата што подобро и поефикасно, а не како да водите сметка тие да си ги почитуват осумте часа задолжително работно време. Тоа е задачата која припаѓа на менаџерите. Опасноста од губење на социјалната интеракција со колегите која може негативно да влијае на работната дисциплина и на концентрацијата на непосредната работна мотивација и тешкото структурирање на работниот ден, се најчестите замерки кои менаџерите ги ставаат на воведување на работа на далечина во компанијата.

Бидете поборници на новите опции кои можат да се понудат на вработените, бидејќи таквите маани се гледаат, а старите односи на кои луѓето се навикнати се пресликуваат во ново технолошко- комуникациско опкружување. Виртуелните канцеларии на работодавачите им овозможуваат да ги задржат вредните работници како и да соработуваат со талентираните луѓе кои не се согласуваат со стандарната канцелариска работа. Со нудењето на нови опции на висококвалификуваниот кадар, стратешки се спречува и нивното заминување кај конкуренцијата. Една од големите погодности кај работата на далечина е секако смалувањето на трошоците за одржување на канцелариите (изнајмување на простории и нивно опремување, трошење на топлинска електрична енергија, канцелариски материјали) иако се потребни трошоци во однос на инсталирање хардвер и софтвер.

Превземено од: статија.мк

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *