Четвртото издание на „МакеДокс“

17 јуни, 20130
7

-„МакеДокс – детоксикација!“-
Со проекција на филмот „Скопје 63’“ во чест на 50 годишнината од скопскиот земјотрес и со Оскаровскиот филм „Барајќи го Шугармен“ во сабота официјално стартува фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“.
Поделени во четири програмски целини, интернационалните документарни филмови и оваа година ќе не прошетаат низ светот и ќе ни ги доближат емотивните стории на главните ликови. Филмовите кои ни раскажуваат приказни од Словенија, Македонија, Хрватска, Албанија, Швајцарија, Финска, Египет, Бразил, Судан, Италија, итн…ќе бидат поделени во категориите: главна програма, нови автори, балкански документарци, краткометражни документарни филмови.
Оваа година на фестивалската програма имаме и четири македонски документарци, филмови на Игор Иванов–Изи, Синиша Ефтимов, Кирил Шентевски, Петра Селишкар и Бранд Ферро. Фестивалот ќе се оддржи во Куршумли Ан и МКЦ. Новитет за оваа година се репризите на филмовите кои ќе бидат прикажани во Младински Културен Центар (МКЦ).
Поделени во четири натпреварувачки категории, документарните филмови ќе бидат оценети и наградени од различни жириа. Официјални награди на МакеДокс се:
– Кромид- за најдобар филм во меѓународната натпреварувачка програма
– Млад кромид- за најдобар филм на нов автор (прв или втор филм)
– Кокарче- за најдобар филм за деца и млади
– Награда за филм за најдобри Етички идеи
„Годинешното издание го нарековме детоксикациско затоа што документарецот, како и кромидот, нè прочистува од токсините, било на културен или виртуелен план, ни предизвикува солзи и ни отвора врати од други светови што сами којзнае дали и кога би ги отвориле“, изјавуваат организаторите на МакеДокс.
Љубителите на докуметарните филмови ќе имаат можност да бидат дел од дискусиите под смоква организирани за време на фестивалските денови, секој ден во 18.00ч.
Фестивалот и оваа година ќе го продолжи своето патување низ Македонија. Во месец август ќе патуваме низ Кумановскиот регион. Со нашето Патувачко кино повторно ќе се обидеме да ги децентрализираме културните случувања и да им донесеме одредена културна доза и на останатите места.
Со почит, МакеДокс

МакеДокс дневна културна доза
понеделник (17.06.2013)
МакеДокс детокс, затоа што…
…нашата постојана борба со животните проблеми и нашата верба во нештата ни дозволуваат гордо да се исправиме пред она што ни претстои.
Во понеделник на МакеДокс ќе можете да погледнете:
КУРШУМЛИ АН
18.00 – 20.00 ч.
„Дискусии под смоква“
Запознајте ги и дискутирајте со Драган Петровиќ (режисер на филмот „Драган Венде –Западен Берлин“), Гентиан Кочи (режисер на „Ова не е перална за коли“), Каи Салминен (член на жирито за наградата Млад кромид).
КИНО ФРОСИНА – МКЦ
19.00 ч.
„ДИВИОТ“ (Словенија, 2012, Jure Breceljnik)
Филип Рибиер е роден на Мартиник во 1977 година со Рубинштајн-Тајбиев синдром. Напуштен од родителите, тој ги минува првите четири години од животот во болница, главно во салата за операции. Сам е и поинаков. На четиригодишнa возраст го посвојува едно семејство од Франција. Тринаесет години подоцна, тој го открива искачувањето на карпи, што за него е многу поголем предизвик отколку за другите. Така, успева да ја претвори својата попреченост во предност и да се вклучи во општеството. Приказната на Филип Рибиер е приказна за осаменоста и различноста, потрагата по одговори, но и за храброста, бестрашноста, слободата, потрагата по љубов и остварување на невозможното.
21.00 ч.
РЕПРИЗА „ДЕЦАТА НА ПЛАНИНАТА НАПФ“ (Швајцарија, 2011, Alice Schmid)
Фестивал за креативен документарен филм
Мајаковски 37/4
+389 2 6147 629, www.makedox.mk
КУРШУМЛИ АН
21.00 ч.
„СПОРТУВАЊЕ СО ГУЛАБИ“ (Шкотска/В.Британија, 2012, Paul Fegan)
Филмот нѐ носи во Шкотска, во еден свет што останува невидлив, иако постои веќе цел век. Луѓето што се занимаваат со овој спорт доаѓаат од најсиромашните семејства, каде што, всушност, и се одигрува овој безмилосен натпревар. Реб и Дени се ривали повеќе од 25 години. Камерата влегува во нивниот свет, каде што на коцка се ставаат угледот и гулабите само за да се стане шампион.
21.20 ч.
„ДРАГАН ВЕНДЕ – ЗАПАДЕН БЕРЛИН“ (Србија/Германија, 2013, Dragan von Petrovic & Lena Müller)
Некогашен вратар на бордел во Западен Берлин си ги сака Берлинскиот ѕид и минатото назад. Во 70-тите, југословенскиот имигрант Драган Венде бил главен на диско-сцената во Западен Берлин. Заедно со ортаците, со џебови полни пари, скитал по ноќните клубови од обете страни на Ѕидот. Ама по `89-та, сè се менува. И еве, веќе 20 години, Драган Венде нема стапнато во Источен Берлин ниту, пак, има намера. Тој сè уште работи како вратар за разни клубови, ама, всушност, живее од социјална помош. Речиси од никаде се појавуваат внук му Вук, желен да го истражи митот за својот вујко од Западот и неговиот татко Миле, кој помагал да се изгради Западен Берлин… Оваа „балканска“ трагикомедија, блиска по балканските песни и ќебапчилниците, е прекрасен портрет зачинет со црниот хумор на луѓето што нема да дозволат да испаднат губитници поради некојси историски пресврт – иако фактите велат поинаку. На крајот, и Вук станува вратар на ноќен клуб. Сега-засега, Западен Берлин може да биде мирен.
23.00 ч.
„УТРЕ“ (Русија, 2012, Andrey Gryazev)
Паскал (53) и Карол (28) се овчари. Во ноември 2010 година, како и вообичаено, тргнуваат на долга зимска преселба: за четири месеци треба да поминат 600 км низ швајцарско-францускиот предел, заедно со три магариња, четири кучиња и 800 овци. Филмот доловува една неверојатна авантура: тие му пркосат на студот само со покривка од грубо платно и животински кожи. Од година во година, патувањето сè повеќе наликува на одисеја низ предел што постојано се менува, па се минуваат километри само за да се најде трева помеѓу градовите, железничките пруги или индустриските зони. На патот дотаму, Паскал и Карол наидуваат на пријатели-фармери, лица носталгични по селскиот живот што полека исчезнува. Одраз на нашиот свет денес – овој филм нè враќа на нашите корења и прашањата што сигурно сите некогаш сме си ги поставиле.
00.35 ч. DJ СЕТ

МакеДокс дневна културна доза
вторник (18.06.2013)
МакеДокс детокс, затоа што…
….контроверзноста е индивидуален начин да ги искажеме нашите реакции предизвикани од подеднакво контроверзниот свет во кој живееме и да се прочистиме од она што длабоко не притиска.
Во вторник на МакеДокс ќе можете да погледнете:
КУРШУМЛИ АН
18.00 – 20.00 ч.
„Дискусии под смоква“
Запознајте ги и дискутирајте со Алис Шмид (режисер на филмот „Децата на планината Напф“), Жужа Божормени (член на жири за награда Кромид), Васја Бибиќ (член на жири за награда Млад Кромид), Јана Цисар (член на жири за награда Млад Кромид)
КИНО ФРОСИНА – МКЦ
19.00 ч.
„ОЧИТЕ И УШИТЕ НА БОГА“ (Словенија, 2012, Tomo Križnar, Maja Weiss)
Кон крајот на 2010 година, со помош на хуманитарната организација Х.О.П.Е., публицистот и активист Томо Крижнар успева да прошверцува 400 видеокамери во Дарфур преку Чад, како и првите две направи за испраќање видеослики на интернет преку сателит. Малите камери, кои во Кина чинат нешто повеќе од 10 евра, им ги дели на волонтери во воените зони во Судан, со чија помош и е направен овој филм. Нивните снимки се покажаа како поефективни од 20 000 војници на ОН и Африканската унија заедно. Зошто? Затоа што се сведоштво за тајното истребување на африканските домородци од предели во Судан, привлечни поради природните богатства: планините Нуба, Дарфур, Абиеј и Синиот Нил. Ова е документарна приказна и за раѓањето на независниот Јужен Судан, но и за новите војни што отпочнаа по неговото отцепување.
Фестивал за креативен документарен филм
Мајаковски 37/4
+389 2 6147 629, www.makedox.mk
21.00 ч.
РЕПРИЗА „УТРЕ“ (Русија, 2012, Andrey Gryazev)
КУРШУМЛИ АН
21.00 ч.
ФИЛМ ИЗНЕНАДУВАЊЕ
21.35 ч.
„СЕКС ЗА ШУМИ“ (Полска/Германија, 2012, Michał Marczak)
Сместена во Берлин, организацијата Fuck For Forest е една од најнеoбичните добротворни организации во светот. Водена од идејата дека сексот може да го промени светот, оваа невладина организација собира пари за еколошки цели преку продажба на домашно направени еротски филмови на интернет. Дени го открива овој неохипи свет на изобилство и радост, каде што сексуалната слобода станува едно со глобалниот алтруизам и ѝ се приклучува на акцијата. Од улиците на Берлин до длабоките шуми на Амазон, овие активисти ги здружуваат силите за да купат парче шума и да ги спасат домородците од болните апетити на Западот.
*Филмот содржи експлицитни сексуални сцени и не се препорачува за малолетни лица и лица со слабо срце.
23.15 ч.
„ЧИНОТ НА УБИВАЊЕ“ (Данска, 2012, Joshua Oppenheimer)
По неуспешниот државен удар во Индонезија и интервенцијата на армијата во 1965 година, Анвар Конго и неговите пријатели од препродавачи на кино-билети преку ноќ стануваат водачи на ескадрони на смртта. Така, за помалку од една година, ѝ помагаат на армијата да убие над еден милион наводно прокомунистички ориентирани граѓани, етнички Кинези, уметници и интелектуалци. Само Анвар со свои раце убил стотици луѓе. Оттогаш власта ја „држат“ убијците. Во филмот, Анвар и неговите пријатели се согласуваат да ја раскажат приказната за убиствата. Но имаат поинаква замисла; не сакаат да дадат сведоштва, туку да снимаат сцени налик на оние од филмовите за кои на времето продавале карти: гангстерски, вестерн, мјузикли. Тие самите го пишуваат сценариото. И се играат самите себеси. Ама ги играат и жртвите.
00.35 ч. DJ Ненад Тонкин

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

escort - Korsan taksi