Состојки:
пандишпан:
7 лажици брашно
2 лажици какао
1 пециво
3 јајца
2 лажици гриз
5 лажици кокос
10 лажици млеко
5 лажици шеќер
100 гр ореви
прелив:
пола чоколадо за готвење
1 лажица масло
100 грама еурокрем
фил:
2 кесички пудинг од ванила
5 лажици шеќер
700 мл млеко
1 желатин
декорација:
шлаг крем од чоколадо
Подготовка:
1. Најпрво ги сечкаме оревите на мали парчиња, но не многу мали и не рендани за да се почувствува вкусот. Плехот со димензии 32 * 22 го обложуваме со хартија за печење и ги распоредуваме оревите .
2. Брашното, какаото и пецивото заедно ги просејуваме за да нема грутки во посебен сад. Ја вклучуваме рерната да се загрее на 200 степени.
3. Во сад за матење ги матиме белките, со постепено додавање на шеќерот. Откако шеќерот ќе се растопи ги додаваме и жолчките и не престануваме да матиме. Потоа ги додаваме гризот, млекото, кокосот, брашното, пецивото и какаото и матиме со миксер додека смесата не се соедини. Ја истураме во плехот над оревите (внимавајте оревите треба да останат од долната страна) и печеме во загреана рерна околу 15тина минути во зависност од рерната. Пандишпанот е готов кога ќе се оддели од краевите а може да проверите и со чечкалица.
4. Откако ќе се испечи го оставаме да се излади.
5. Додека се лади пандишпанот го подготвуваме преливот. На пареа го топиме чоколадото со маслото и кога ќе се стопи го додаваме еурокремот и мешаме со лажица да се соедини.
6. На пандишпанот му ја отстрануваме хартијата и го враќаме во плехот со долната страна нагоре ( оревите да дојдат горе). Од страните ставаме хартија за печење за да не се залепат коцките и да можеме подобро да ги исечиме. Целиот пандишпан го премачкуваме со преливот.
7. Желатинот го раствараме со малку ладна вода.
8. Пудинзите со 5 лажици шеќер ги вариме во 700 мл млеко. Откако ке се свари пудингот , ја исклучуваме ринглата и го додаваме набабрениот желатин и мешаме да се растопи. Додека е топол го истураме врз пандишпанот.
9. Шлаг кремот го приготвуваме според упатството на кесичката и го ставаме во готварски шприц.
10. Пред да ги сечеме коцките ја отстрануваме хартијата. Над секоја коцка ставаме од шлаг кремот. Доколку сакате можете и поинаку да ги украсите а и без шлаг крем пак убаво ќе изгледаат.