Ова е вкусен, брз, лесен, едноставен и евтин колач кој може да го направите за новогодишната ноќ или било кој друг ден кога сакате да јадете нешто благо. Во едно бидете сигурни – воопшто нема да погрешите ако го направите заради било која пригода. Еве го рецептот:
Потребно е:
• 50 гр путер, растопен
• 1 француски багет, бајат (најмногу до два дена) исечен на кришки
• 60 гр суво грозје
• 2 жолчки
• 2 јајца
• 40 гр шеќер
• 300 мл слатка хопла
• 300 мл млеко
• 4 лажици коњак, мараскино или ликер по желба
• малку кафеав шеќер
• 4 лажици џем од кајсии
Подготовка
Земете едно мало тавче за печење и намачкајте го путерот. Потоа, секоја кришка леб намачкајте ја со џем и еден слој намачкани кришки ставете во тавчето. Врз нив ставете малку од сувото грозје, па потоа, наредете уште еден, последен ред кришки и врз нив преостанатото суво грозје. Јајцата и жолчките убаво изматете ги во шеќерот додека не побелат. Потоа, додадете ги хоплата, ликерот и млекото. Измешајте убаво и течноста прелијте ја врз лепчињата. Со лажица нежно притиснете ги лепчињата за да ја впијат течноста, оставете ги 15 до 20 минути да отстојат и потоа, печете во загреана тава на 180 степени 40 минути додека колачот не добие златна боја на врвовите. Кога ќе се испече, извадете го, оставете малку да се олади и премачкајте го преостанатиот џем. Послужете го оладено со шеќер во прав и изматен шлаг.
Забелешка
Ако немате француски багет, може да искористите било кој бел леб што го имате дома. Истото се однесува и на џемот, сувото грозје и ликерот. Прилагодете го рецептот според тоа што го имате дома.