
Потребни состојки:
500 гр бисквити (за обложување на садот)
10 јајца
100 гр шеќер во прав
250 гр црна чоколада за готвење
250 гр бела чоколада за готвење
(јас ставив по 300гр и црна и бела чоколада, нели по 3 чоколада од секое)
500 мл млеко
1 маргарин
500 гр мелени бисквити
200 мл слатка павлака (за декорација – јас декорирав со шлаг, повкусно ми е така)
50 мл вода и 100 гр шеќер – за шербет.
Постапка:
Јајцата се кршат и се делат белките од жолчките. Во садот со жолчките се додава шеќерот во прав и се мати. Во тенџере на оган се става половина од млекото (250мл), се додаваат изматените жолчки и се меша со лажица – да се добие крем. Откако кремот ќе ја добие потребната густина, се трга од оган. Притоа, внимавајте да не го преварите!
Кремот треба убаво да се излади, а потоа во него се додаваат мелените бисквити и се мати со миксер за смесата убаво да се соедини. (Јас додадов и една ќесичка ванилин шеќер)
Во друг сад се мати маргаринот – убаво да се избие. Во маргаринот се додава кремот со бисквитите и повторно се мати со миксер.
Во две тенџериња на оган се растопуваат чоколадите, посебно белата, посебно црната. Во трето тенџере се става водата и шеќерот за да се направи шербетот.
Белките кои претходно ги одделивме, се матат и во многу тенок млаз, внимателно, се додава врелиот шербет и се мати. Во овој сад со белките и шербетот се додава смесата од садот со маргаринот, кремот и бисквитите. Се мати додека смесата не се соедини. Добиената смеса се дели на половина, во едната половина се става растопената бела чоколада, во другата, растопената црна чоколада и се мати.
Калапот (може да биде во различна форма, во рецептот беше во форма на срце, но може да се направи во било која форма. Јас ја направив тортата во калап во форма на квадар) се обложува со најлонска фолија за да може без проблем да ја префрлите во сад за торта.
Бисквитите се макаат во преостанатото млеко и се редат во калапот – и долниот дел од калапот и по страните. Во калапот се става прво темната смеса (препорачливо е неколку минути да постои во фрижидер за да се стегни), а потоа и белата смеса. Откако ќе ги ставите смесите, и горниот дел го редите со бисквити.
Тортата се става во замрзнувач за да се стегне убаво. Потоа може да ја декорирате по желба со слатка павлака или со шлаг.