Потребно е:
(за тесто):
- 500 гр брашно
- 1 ќесичка сув квасец
- 1 лажиче сол
- 1 ќесиче прашок за пециво
- 200 мл јогурт
- околу 200 мл топла вода
(за фил):
- 250 гр рендан кашкавал
- 200 гр рендана шунка
- 200 гр печурки (свежи или маринирани, од тегла)
- кечап
- масло за пржење
Подготовка:
Во длабок сад просејте го брашното и додадете му ги сите други суви состојки (сол, пециво, квасец). Ставете го целиот јогурт и полека додавајте вода, мешајќи со миксер додека да добиете тврдо тесто и тоа да може да се обликува во топка. Тестото покријте го со влажна кујнска крпа и оставете го 15 минути да отстои. Од тестото одвојувајте мали топчиња и со сукало сукајте ги во тркалезен облик. На едната половина од тестото ставете кечап, кашкавал, печурки и шунка и преклопете го филот со другата половина од тестото (како калцоне). Со вилушка притиснете ги краевите за да не истече филот (а и воедно да им направите мала декорација на панцеротите). Пржете ги во многу врело масло додека да добијат убава златно-кафена боја. Ако ви останат, слободно можете да ги замрзнете, така што ќе ги ставите во ќеса за замрзнување.