
Малкумина не сакаат да јадат пица, кралицата на брзата храна со стотици варијации. Но, доброто тесто е темел на се`.
Тестото за пица може да го подготвите на повеќе начини, а секој мајстор има свои трикови. Сепак, некои најмногу им веруваат на рецептите кои доаѓаат од самите пицерии. Еден таков ви пренесуваме и ние, рецепт кој за јавноста го откри еден пица мајстор.
Состојки:
– 1 кг брашно тип 400
– половина литар млака вода
– 1 лажица сол
– 2 лажици шеќер
– 10 грама квасец
Подготовка:
Половина од подготвената вода измешајте ја со лажица брашно, квасец и две лажици шеќер. Се` добро разматете и измешајте со остатокот од брашното и малку масло. Тестото месете го додека не почне да се одделува од садот. Потоа оставете го во сад да „нарасте“, околу еден час. Тестото разделете го во топчиња, а претходно ставете масло на рацете. Готовите топчиња исто така премачкајте ги со масло и оставете да отстојат 10 минути.
Распоред на состојки – по ваша желба, со по некој детал
Кога ќе го растегнете тестото во саканата големина, на него прво ставете „база“, односно домати, малку маслиново масло и по желба зачини како оригано. На базата ставете рендан кашкавал, а потоа состојки по желба. На крај повторно ставете рендан кашкавал и оригано.
Дополнителен трик
За една пица ви треба околу 300 грама тесто. Кога ќе го заместите тестото, вклучете ја печката на висока температура добро да се загрее, а потоа почнете со додавање состојки.