Делото на францускиот архитект со швајцарско потекло, во јули 2016 година е ставено на листа на светското културно наследство на Организацијата на ООН за просвета, наука и култура (УНЕСКО), беше соопштено на Твитер налог на ООН.
На 40 годишното заседание на УНЕСКО во Истанбул, усвоен е предлогот на Франција – 17 одбрани локалитети во седум земји (Франција, Швајцарија, Белгија, Германија, Аргентина, Јапонија и Индија), кои покажуваат универзална природа на делото на Ле Корбизје, да бидат внесени во светското културно наследство.
Сите локации сведочат за доприносот на Ле Корбизје (француски: Le Corbusier) кон модерното движење во архитектурата – пуризмот што настана по Првата светска војна и се заснова на функционалноста, на чистота на линиите и употреба на новите материјали, како што се бетонот, железото и челикот.
Меѓу нив е и модерниот индиски град Чандигар, изграден набрзо откако Индија се стекна со независност. Тој е еден од симболите на реформаторскиот урбанизам заедно со главниот град на Бразил – Бразилија, проект на Лусија Коште и Оскар Нимејер.
На листата се ставени и приватни куќи, станбени единици, парцели, една куќа на културата и еден музеј.
Локалитетите во Франција, вкупно 10, се најзастапени на листата, а меѓу нив се Вила Савоја, баштованската куќа во Поасие и куќите Ла Рош и Жанре во Париз.
Ле Корбизје е роден во 1887 година во Швајцарија, а подоцна станал француски државјанин. Тој е еден од главните претставници на пуризмот заедно со архитектот Алваро Алто и Лудвиг ван дер Рое.
Меѓу неговите дела се и планот на зградата на ООН во Женева, урбанистичкиот план на Богота, Рошанската капела и манастирот во Ла Турет. Изработил повеќе од 400 слики во масло и мурали, 44 скулптури, како и литографии и цртежи.