Поп рок бендот Parni valjak објави дека концертниот албум „Dovoljno je reći …Aki“ е објавен на сите стриминг платформи, како и на Јутјуб.
Албумот содржи снимка од мартовскиот концерт одржан во распродадената Арена Загреб во чест на починатиот пејач на групата Аки Рахимовски (1955-2022).
Гитаристот на бендот Хусеин Хасанефендиќ Хус на својата Фејсбук страница објави дека наскоро ќе се појави Blu-ray и двојно ЦД издание на концертниот албум со 30 песни во изведба на Parni valjak и пријателите.
На концертот наречен „Dovoljno je reći…Aki“ заедно со членовите на Parni valjak настапија пејачите Кики Рахимовски, Перо Галиќ, Масимо Савиќ, Нина Бадриќ, Дино Јелушиќ и Филип Рудан.
Во чест на Рахимовски настапија и Нено Белан, Нермин Пушкар, Ноа Рупчиќ, Давор Гобац, Момчило Бајагиќ Бајага и Златан Стипишиќ Џибони.
Во чест на Рахимовски во Арена Загреб, меѓу другото, Хасанефендиќ ја отпеа песната „Zastave“, синот на Аки Кики „Zagreb ima isti pozivni“, Бајага „Godine prolaze“, Белан „Uhvati ritam“, додека албумот се затвора со настапот на Џибони, „Sve još miriše na nju“.
Рахимовски ненадејно почина на 22 јануари во Загреб. Тој е со Parni valjak од неговото основање во 1975 година и снимил бројни албуми и песни кои се врежале во колективната потсвест на поранешна Југославија.