
Легендарната актерка Анџелина Џоли (51) има сè помалку причини да остане во Лос Анџелес.
Добитничката на „Оскар“ ја продаде својата луксузна вила за 24,75 милиони долари, а купувачот не е непознат тајкун; куќата ја купи друга легенда, пејачката Мадона (68).

Овој простран имот се наоѓа во затворената населба „Лафлин Парк“, која има два влеза со обезбедување и зафаќа површина од околу 2,1 акр (нешто повеќе од 8.500 квадратни метри). Главната куќа има површина од околу 11.000 квадратни стапки (околу 1.020 квадратни метри) и располага со шест спални соби и десет бањи. Покрај главната резиденција, имотот вклучува и посебна куќа за гости, објект покрај базенот, теретана, куќичка за чај и одвоена гаража.

Главната спална соба има сопствен простор за седење, камин од мермер, луксузна бања во стилот на велнес-центар и гардеробер изработен по нарачка. Француските врати водат директно на терасата, што ѝ дава дополнителен шарм на просторијата.
На имотот има и приватна библиотека и вински подрум со контролирана температура. Библиотеката се одликува со облоги од махагони и вградени полици кои се протегаат од подот до таванот.

Кујната спојува модерни апарати со мермерни работни површини и трпезарија со стаклени ѕидови од кои се гледа градината.

Џоли го купи имотот во 2017 година за 24,5 милиони долари. Таа се всели во поранешниот дом на познатиот режисер Сесил Б. Демил кратко по разделбата со Бред Пит (62). Сепак, до 2024 година, актерката веќе призна дека не планира засекогаш да живее во Лос Анџелес. „Израснав во овој град. Тука сум поради разводот, но штом моите деца ќе наполнат 18 години, ќе можам да заминам“, изјави таа тогаш. Денес, сите нејзини шест деца се возрасни, па ништо не ја спречува да започне ново поглавје од својот живот на друго место.
Едно од местата што ја привлекуваат е Камбоџа. Тоа е земјата од каде што потекнува нејзиниот најстар син, Медокс, кого таа го посвои.
„Ќе поминувам многу време таму и ќе ги посетувам членовите на семејството каде и да се наоѓаат во светот“, изјави Џоли.