Македонија се нашла на 38 место во годишниот извештај за условите за работа на Светската банка во 183 земји членки на “Доинг бизнис 2011“ објавен во четврток. Земјата забележала пад за две места, мината година беше на 36 место. Според годинешниот извештај, Македонија годинава покажала одлични резултати во делот за плаќање даноци каде има раст од 14 места, подобрување има и во делот стартување бизнис и во тој дел се наоѓа за две места погоре. Но, според “Доинг бизнис 2011“ земјава назадила во делот за регистрирање на имот каде имаме пад од шест места. Пад се бележи во секторите добивање кредит, затворање фирма, имплементирање договори и надворешна трговија. Нема промени во секторите добивање градежна дозвола и заштита на инвеститори. Во извештајот условите за покренување и работење на претпријатијата се вреднуваат од аспект на деловна регулатива по осум критериуми. Од годинава е воведен и нов критериум за кумулативни промени на деловно опкружување во последните пет години. Регионот на источна и средна Азија веќе осма година по ред е најактивен во унапредувањето на деловните регулативи за домашните форми. Минатата година 21 од 25 економии во регионот ја подобриле деловната регулатива, истакнато е во годишниот извештај. Од земјите во соседството Словенија се нашла на 42 место, Бугарија – 51 Црна Гора на 66, Хрватска на 84, Србија пет места подолу, Босна и Херцеговина – 110 и Косово на 119 место. На глобално ниво, лани владите на 117 држави направиле 216 реформи за олеснување на движењето и работењето на фирмите, ја зајакнале транспарентноста и сопственичките права. Извршиле ефективно решавање на трговските спорови и на стечајни постапки, нотирано е во “Доинг бизнис 2011“.