Пронајдени се остатоците од едната црна кутија, од вкупно две, од авионот Ербас А330 на авионската компанија Air France, што во 2009 година се сруши недалеку од бразилското крајбрежје, соопштиле вчера истражувачите. Остатоците од црната кутија се пронајдени без важниот дел кој содржи информации за летот.
“При првото нуркање на подморскиот робот Реморе 6000, што траеше повеќе од 12 часа, пронајден е надворешен дел од едната црна кутија од авионот, но недостасува внатрешниот дел на кутијата што обично ги содржи потребните податоци“, известила Канцеларијата за истрага и анализа.
Во соопштението на Канцеларијата стои дека кутијата е пронајдена меѓу остатоците од срушениот авион.
“Ќе ја продолжиме истрагата. Второто нуркање на Реморе 6000 започна вчера наутро“, соопштиле од Канцеларијата, додавајќи дека истражувачката акција по остатоците од авионот е започната во вторникот.
Во несреќата на авионот Ербас А330 на линија Рио де Жанеиро – Париз, што се случи на први јуни 2009 година, загинаа 228 патници и членови на екипажот.
Причините за несреќата до ден денес останаа неразјаснети затоа што се уште не се пронајдени црните кутии од авионот.
Извор: Нетпрес